– Денеска доделуваме награди постхумно на наши професори, големи имиња, да покажеме дека мисијата на Филозофски факултет е градење на институции и е на некој начин и столбот на државата како што се Љупчо Копровски, тоа се поранешни министри во Владата, потоа во Собранието. Талат Џафери, претседател на Собранието е наш поранешен студент, па и голем дел од пратениците. Во изминатите 75 години од постоењето на македонската држава се во голем дел наши професори коишто го стекнале високото образование на овој факултет, изјави пред свеченоста за доделувањето на наградата деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев.
Наградата им беше врачена на претседателот на Собранието Талат Џафери, деканката на Филозофскиот факултет во Ниш Наталија Јовановиќ, на ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, на декани на факултетите при УКИМ и други.
Претседателот на Собранието Џафери се заблагодари во име на пратениците за, како што рече, можноста и по овој повод и на овој начин да се искаже благодарноста до оние кои ги поставија темелите на оваа институција.
– Со особено задоволство учествував онлајн на одбележувањето на 100-годишнината со мое обраќање за постоењето на Филозофскиот факултет. Секако благодарам и на студентите и на оние кои понатаму ќе учат и ќе изучуваат на овој факултет и секако за нас ова ќе биде потстрек и понатаму да ја пружиме соодветната поддршка и на Универзитетот како целина, впрочем во рамки на којашто работи Универзитетот, рече Џафери.
Деканката на Филозофскиот факултет во Ниш Наталија Јовановиќ истакна дека сто години е навистина за почит во секоја смисла, бидејќи, како што посочи, Филозофскиот факултет заедно со својата држава има поминато низ различни искушенија и останал угледен.
– Нашата соработка е повеќедецениска и се заблагодарувам на Факултетот. Тука сме и пред заедницата што ја направивме пред четири години, заедница на Филозофски и Филолошки факултет во Југоисточна Европа. Со нас се нашите колеги од Триглав до Црно Море, тука се и колеги од Сараево, Загреб, Темишвар, Софија, Приштина и Косово, Белград, Крагуевац и Ниш. Цел на оваа заедница е да се олесни соработката преку проекти, размена на студенти и професори и навистина успеавме во тоа. Се покажа дека на ова академско ниво постои многу разбирање, пријателства што имаат резултати и се видливи во научните погледи, рече Јовановиќ.
Деканот Дуев надоврзувајќи се рече дека секоја година пред пандемијата од Филозофскиот факултет околу 50-60 студенти постојано патуваа на студентски настани во Ниш и обратно и исто така и во целиот регион.
– Целта ни беше со овие 100 години да покажеме дека високото образование нема граници и на некој начин да ја подигнеме општествената одговорност не само како академската заедница, туку и сите оние компании и институции кои нас ни недостасуваат кои помагаа на некој начин. Знаете, ние многу малку финансии добиваме од државата, така што со овие регионални размени и со помош на поединци успеваме да направиме повеќе од што се нашите капацитети. Така што денеска меѓу наградените се личности како Љубен Лапе, којшто е еден од основачите на Филозофскиот факултет, како академик Петар Илиевски, потоа институции, организации како „Фридрих Ебер“, како Инбокс кои на некој начин се поврзани со нас, со студенти коишто дипломираат и ги вработуваат кај нив. Целта е едноставно да ја подигнеме свеста и општествената одговорност, значењето на високото образование и значењето на Филозофскиот факултет за нашата држава, додаде Дуев.