Администрирање на територија е релативно нова институција во меѓународните односи и истата може да се спроведува само во управување со територија во мирновременски услови, вели д-р Сашо Додевски, професор и истражувач на полето на меѓународните прашања.

Факт е дека во Втората светска војна Македонија е под тројна окупација од страна на Германија, Италија и Бугарија и тоа е меѓународно потврдено и прифатено, додава Додевски.

Ние сме решиле дека сме на страната на антифашизмот а дали Бугарија е фашистичка земја е прашaње со кој државата Бугарија самата ќе се соочи, одлучи и реши, вели во интервјуто за Лидер д-р Сашо Додевски.

Лидер: Денеска се одбележува Денот на победа над фашизмот и Денот на Европа. Оваа тема стана многу почуствителна по формирањетро на Мешовитата историка комисија со Бугарија . Која е улогата на Бугарија во Втората Светска Војна?

-Царството Бугарија во текот на Втората светска војна е дел од коалицијата на на силите на Оската предводена од Хитлерова Германија. Бугарија во однос на Втората светска војна и нејзиното учество во неа, првично зазела позиција на неутралност. Бугарија, бугарското државно водство и бугарската дипломатија поради политичките прилики на Балканот, калкулирала и се обидувала подолго да остане надвор од хитлеровата коалиција. Но подоцна, како течел развојот на настаните на Балканот, Бугарија преминала на страната на силите на Оската. Официјално тоа се случило со потпишување на Протоколот за пристапување на 1.3.1941 г., во Виена од страна на претседателот на бугарската влада Богдан Филов, Бугарија пристапила во членство на Тројниот пакт. Оваа позиција на Бугарија траела до есента 1944 година, кога таа преминува на страната на силите на Антихитлеровската коалиција и учествува во завршните операции за ослободувањето на Балканот и пошироко, против германските сили.

Лидер: Дали Бугарија е ослободител, окупатор или администратор во Македонија во Втората светска војна?

-Во врска со ова актуелно прашање, работите треба да се анализираат низ меѓународна перспектива. Имено, во конкретниот случај треба да се има во предвид дека станува збор за поширок меѓународен конфликт, за светска војна и функционирање на односите во Европа и светот во вонредни и воени услови. Во такви услови, не може да стане збор за ослободување на територија, народ, простор итн., било каде и од било кого. Со германскиот напад врз Полска во септември 1939 година, Версајскиот поредок во Европа е суспендиран. Од тогаш па натаму, се активираат и во сила е примената на определени општоприфатени меѓународни воени правила (двете Хашки конвенции од 1899 и 1907 година), кои го утврдуваат статусот на територијата во услови на војна. На територија каде има присуството на непријателски воени сили, каде е воспоставена реална, ефективна и функционална власт, таа состојба на таа територија се дефинира како окупација. Во таа смисла, територијата на тогашна југословенска Македонија (денешната држава Македонија) е под тројна окупација од страна на Германија, Италија и Бугарија, бидејќи на таа територија има присуство на германски, италијански и бугарски воени сили и со воспоставена ефективна власт од тие три држави. Впрочем, оваа состојба после војната добива меѓународна потврда и се констатира во одлуките на Нирнбершкиот трибунал и во договорите кои произлегуваат од Париската меѓународна мировна конференција од 1947 година. Управување со територија како администратор е релативно нова институција во меѓународните односи и истата е само во смисла на управување со територија во мирновременски услови, првенствено во рамките и низ праксата на Лигата на Народите и на ООН и таа не може да се примени во овој случај.

Лидер: Потребна ли е промена во терминологијата и ново учење на учениците за улогата на соседна Бугарија за време на Втората светска војна?

-За ова прашање, за улогата на соседна Бугарија за време на Втората светска војна, ќе се соочува, одлучува и решава државата Бугарија, нејзиното општество, институции, наука, медиуми, јавност итн., тоа е нивна работа. Нашата работа е во делот на позицијата на Бугарија во Македонија во тој период, како и текот на самата Втора светска војна во Македонија. Во однос на промена во терминологијата, ново учење на учениците итн., за ова прашање, треба да има научно фундирани анализи и употреба на јасни и прецизни термини кои меѓудругото се меѓународно потврдени и прифатени.