Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје оствари средба со вицепремиерот на Црна Гора задолжен за европски и надворешни работи, Филип Ивановиќ. Средбата се реализира во годината кога официјално се одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

Соговорниците го потврдија високото ниво на пријателски односи, меѓусебната доверба и сојузништвото во НАТО. Тие ја нагласија и заедничката определба за стабилен и европски интегриран Западен Балкан.

Во фокусот на разговорите беа европската интеграција, реформските процеси и потребата пристапувањето кон Европската Унија да се одвива исклучиво врз основа на индивидуални заслуги.

На средбата стана збор и за утрешното финализирање на договорот за воведување нова авионска линија меѓу двете земји, како и за натамошно продлабочување на соработката во економијата, инфраструктурното поврзување, енергетиката и туризмот.