Според последните информации од Управата за хидрометеоролошки работи, моменталното ниво на езерото изнесува 145,26 метри надморска височина, а договорениот минимум е 146,13.

Дојранското Езеро повторно се полни со вода од пумпите на Хидросистемот „Ѓавато“ во Богданци и дотурот на вода во езерото ќе продолжи без застој.

Од Хидросистемот велат дека во моментот се влеваат 200 литри во секунда, а во текот на денот или утре ќе се пушти дополнителна количина, со што ќе се зголеми дотурот на вода во езерото.

– Водата се пушти во саботата, бевме на терен и проверивме дали сè е во ред. Попатно немаме загуби на вода, браната Паљурци е полна, така што нема потреба таму да се полни. Имаше еден вентил со кој долевавме вода во браната, и тој се санираше, така што сега е во ред. Ни беа потребни 20 часа за да го наполниме цевководот, бидејќи беше празен со оглед на тоа што 6 месеци не работеше системот. Обично по прекин на работата во период од 10 до 15 дена, побрзо се полни цевководот, но сега се работеше за подолг период и затоа беше потребно повеќе време – велат од Хидросистемот „Ѓавато“.

Оттаму додаваат дека август и септември се месеците кои низ годините наназад биле најкритични за Дојранското Езеро, бидејќи тогаш се случуваат најголеми испарувања поради високите температури и отсуството на врнежи.

Според последните информации од Управата за хидрометеоролошки работи, моменталното ниво на езерото изнесува 145,26 метри надморска височина, а договорениот минимум е 146,13.

Извор: Плусинфо