Непречено ќе биде снабдувањето со топлинска енергија во претстојната грејна сезона, граѓаните ќе имаат парно од 15 октомври, уверува Владата. Во тек се преговорите со Србија за набавка на гас и постои оптимизам дека ќе се постигне договор, но опција е и топланите да работат на мазут.
Економско-енергетскиот совет синоќа донесе неколку нови одлуки – да почне постапката за издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар, на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта и сите јавни здравствени установи да бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската.
Во меѓувреме, продолжуваат и разговорите за функционирање на ТЕ-ТО во грејната сеозна, а доколку не се постигне договор со „Адора“ за топланите, Владата вели дека има решение – Законот за управување со кризи и дава право да ги стави на располагање сите ресурси – и на државата и на јавните претпријатија и на приватните компании.
Според пресметките, до крајот на грејната сезона топланите ќе потрошат околу 230 милиони нормални метри кубни природен гас.
Со оглед на тоа што БЕГ ги врати назад трите лиценци, до крајот на оваа недела се очекува да биде презентирано решението за неговиот наследник.
Вчера „стигна“ поддршка и од опозицијата – ВМРО-ДПМНЕ преку партискиот лидер Христијан Мицкоски соопшти дека ги нуди своите контакти за набавка не енергенси и производство на двојно поевтина струја за стопанството. Владата на тоа одговори дека секоја дополнителна сугестија од политичките партии е добредојдена. Планот за справување со енеретската криза што го претстави Мицкоски ќе биде разгледан, како и сите други планови и поддршки што ќе бидат понудени.
-Ги повикувам Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката на Економско-енергетскиот совет со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија, истакна премиерот Димитар Ковачевски на синоќешната вонредна прес-конференција во Владата, соопштувајќи ги најновите одлуки на Советот.
Тој информира дека во однос на електрична енергија, и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.
-Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини, нагласи премиерот и уште еднаш ги повика граѓаните да штедат струја.
Според министерот за економија Крешник Бектеши, ако се потпише договор со Србија, земјава ќе набави гас по најмалку три до четири пати пониски цени од берзанските.
-Преговорите се водат и се при крај, доставивме понуда, експертските тимови работат за да се изнајде решение – ние да и излеземе на Србија во пресрет за струјата, а тие нам за природниот гас. Ако има договор, во што сум убеден зашто е работено повеќе од еден месец и јас секојдневно комуницирам со нивното Министерство за енергетика, цените ќе бидат многу пониски од цената на берзата, три до четири пати минимум ќе бидат пониски од берзанските. Во замена за тоа, ние Србија по попристојни цени ќе ја снабдуваме со електрична енергија, истакна синоќа Бектеши во телевизиско гостување.
Во однос на транспортот, тој напомена дека „има само една цевка од каде што може да се донесе природниот гас, а тоа од Република Бугарија“.
-Можниот договор со нашиот северен сосед е со цел да се обезбеди поповолна цена на енергенси за индустријата, како и поповолни цени на топлинската енергија за граѓаните. Доколку се финализира договорот со купениот гас од Република Србија, ќе се произведува електрична енергија од која дел потоа ќе се продава назад во Србија, изјави Виктор Андонов, советник за енергетика во Кабинетот на премиерот.
Тој изрази оптимизам дека овој можен договор ќе профункционира и дека ќе се обезбеди потребното количество енергенси.
-Електраните имаат и резервно гориво, може да работат и на мазут, што значи дека доколку не се договори опцијата за гас и не се обезбедат доволно средства за набавка на природен гас по берзански цени, постои и резервна варијанта, а тоа е работа на мазут. Се надеваме дека до таа крајна варијанта нема да дојде. Ако не се договориме, топланите ќе работат на мазут, а количините ќе се обезбедат, за што се разговараше со Грција, истакна Андонов.
Тој потсети и дека министерот Бектеши во Турција изминатиот период разговараше за обезбедување дополнителни количини електрична енергија и природен гас, во Грција за постојано снабдување со лигнит и мазут, а во Бугарија за поевтина цена на струјата под берзанската, за потребните количини за индустријата. Кога сите овие разговори ќе се финализираат, Владата,рече Андонов, на најтранспарентен начин ќе ги презентира и пред стопанските комори и пред јавноста.
Во однос на ТЕ-ТО, советникот напомена дека и во претходната зима капацитетите работеа 24 часа, во базен режим.
-Се водат разговорите за функционирање на ТЕ-ТО во грејната сеозна, впрочем тоа е единствениот начин како граѓаните на Скопје имаат топлина во текот на зимата. Јас сум сигурен дека ќе биде обебзедено решение пред почнување на грејната сезона, наведе Андонов.
На новинарско прашање до каде се преговорите со „Адора“ за топланите „Исток“ и „Запад“ со оглед на инсистирањето на оваа компанија за нивна продажба, Андонов одговори дека Владата нема да потпадне на притисоци и уцени за некои, како што рече, да ја искористат актуелната ситуација.
-Имаме индикативни понуди од нашите контакти врз основа на кои можеме да кажеме дека доколку Владата се согласи да го стави на располагање ТЕЦ Неготино на бизнисот и неговото производство да оди во портфолиото за бизнисот, тогаш цената по мегават час со вклучени трошоци за мазут и за негова преработка во електрична енергија ќе биде под 200 евра. Предлогот предвидува ставање во функција на сите производни домашни капацитети, а притоа ги ставаме на располагање сите контакти што ги имаме надвор од земјата, во Европа и пошироко, да обезбедат ресурс доволен производните капацитети да обезбедат електрична енергија која ќе биде за бизнис заедницата што ќе биде најмалку двојно поевтина од таа што денеска стопанството ја плаќа споредена со референтната берза HUPX, а воедно да обезбедиме ресурс со кој корисниците на централното затоплување во градот Скопје нема да добијат покачени сметки за топлината што ќе ја користат и со која ќе ги затоплуваат своите домови, рече вчера Мицкоски.
Тој тврди дека земјава има капацитет да ги произведе сите потребни количини електрична енергија и да го намали увозот. Мицкоски најави и дека до крајот на оваа или почетокот на идната недела ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи предлог-закон за измена на Законот за енергетика со кој ќе побара сите претпријатија што вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството, но и објектите во образованието и јавното здравство, да бидат вратени на регулираниот пазар.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Мицкоски, во Собранието ќе поддржат продолжување на кризната состојба со електричната и топлинската енергија.
Уште еден апел за поддршка од верските заедници во однос на штедењето струја
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера на средба го информираше поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан за мерките и препораките на Владата за штедење електрична енергија за институциите, домаќинствата и за бизнисот. Тој уште еднаш кажа, како што претходно му предочи и на поглаварот на ИВЗ, реисот Шаќир Фетаху, дека во овие моменти е многу важна поддршката од верските заедници.
Бектеши и г.г. Стефан се согласија дека е важно во овој период сите рационално да трошат електрична енергија и упатија порака дека во оваа криза сите треба да бидат свесни и да штедат.
– Во овој тежок период што следува сите заеднички да заштедиме електрична енергија и со тоа да и помогнеме на државата. Доколку има недостиг на струја, ќе треба да се купи од надвор по многу повисока цена, а тоа повторно ќе биде на трошок на сите граѓани, истакна министерот Бектеши.
Архиепископот Стефан изјави дека Црквата и досега силно апелирала до своите верници да покажат грижа за општото добро во овие тешки времиња, а на седница на Светиот архијерејски синод, која ќе се одржи следната недела, се очекува да се состави и официјално јавно соопштение во кое сите свештени лице ќе бидат повикани на локално ниво, во своите парохии, да им укажуваат на верниците на МПЦ за насушноста од штедење за да си помогнеме себеси и на државата.