Два случаја на семејно насилство се пријавени вчера во полиција. Во првиот случај синоќа, во 21 часот, на подрачјето на Кисела Вода полицијата го лишила од слобода З.Б.(46) од Скопје.

Како што се наведува во МВР-билтенот, тој физички ја нападнал неговата 40-годишна сопруга и нејзината мајка и им упатувал закани.

Во вториот случај, пак, вчера, во 13.50 часот, на подрачјето на Карпош, полицијата го лишила од слобода Г.К.(50) од Скопје. Тој, како што се наведува, упатувал закани на неговата 76-годишна мајка и неговата малолетна ќерка.

Од МВР информираат дека Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Е.А.(31) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ при семејно насилство.

Пријавениот на 18 август 2023 физички ги нападнал неговата мајка и неговата сопруга и им нанел повреди.