Упадот во објектот на Контролата на летање на аеродромот во Скопје и една недела од инцидентот се уште ја бранува јавноста.
Владата даде насоки за смена на раководните функции и спроведување на вонреден инспекциски надзор и ревизија на досегашното работење, а за инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Јавното обвинителство отвори истрага против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Додека за дел од осомничените се трага, за четворица меѓу кои и Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ, Судот им определи мерки за претпазливост, откако не го прифати предлогот на обвинителството, поради опасност од бегство и можност да влијаат врз постапката или да го повторат делото, да им биде определена мерка притвор.
Постапувајќи по жалба на Основното јавно обвинителство – Скопје против решенијата за одредување мерки за претпазливост, од Кривичен вчера информираа дека е оформен предмет, по кој Кривичниот совет во рок од 48 часа (до утре) ќе донесе соодветна одлука.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, порача дека Владата го заврши својот дел од задачата, дека ги разрешила директорите за кои сметаше дека недоволно добро ја менаџирале институцијата и оти сега треба останатите институции да го завршат професионално и без никакво влијание својот дел од работата.
– Во тој момент на тој ден, на аеродромот во Скопје слетаа два авиона од НАТО-земји членки со определна намена, така што јасен е интересот на земјите членки на НАТО кои што го изразуваат ова. Многу е важно, кога што и да се случи како оваа ситуација во М-НАВ, да постои реакција и да постои соодветно постапување. Владата го заврши својот дел од задачата, ги разреши директорите за кои сметаше дека недоволно добро ја менаџирале институцијата. Сега ги повикуваме во интерес на граѓаните и јавноста ги останатите институции да го завршат професионално и без никакво влијание својот дел од работата, рече Петровска.
Во однос на коментарите на судот, односно одлуките кои ги донесоа за изрекување мерки на претпазливост на инволвираните во инцидентот во М-НАВ таа кажа дека не се согласува со нив.
-Лично јас не се сложувам и мислам дека ќе треба да си ја преиспитаат одлуката. Не сакам апсолутно да влијаам на одлуките од позиција на министер за одбрана, меѓутоа целата оваа ситуација ќе треба посериозно да ја сфатат. Ќе имаат веројатно дополнително време, убедена сум дека извршните органи или МВР одлично ќе си ја заврши и ја заврши до тука својата работа. Меѓутоа треба да се има предвид целокупното законодавство во РСМ, но и меѓународно преземените обврски, рече Петровска, која одговараше на прашања по потпишувањето на Меморандумот за разбирање за поддршката од девет милиони евра од Европскиот мировен фонд за потребите на Армијата на Република Северна Македонија.
За претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски, она што се случи на 4 јануари е почеток на одмотување на клопчето, но и порака дека секоја институција треба да го запали црвениот аларм, посебно Владата и политичките партии.
Според Тасевски, до непосакуваната состојба од пред неколку дена дошло поради сите пропусти од минатото, не поради нешто што било вчера или завчера. Тој, во гостување на Топ тема, вчера рече дека има големи очекувања во однос на расчистувањето на случајот кој, како што напомена, веќе доби меѓународен карактер. Поради тоа, дополни, многу ќе биде важно истрагата да се спроведе без да остави какви било сомнежи и можности за шпекулација.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, по последните случувања во М-НАВ, вчера порача дека при назначувањата во јавните институции, важно е тие да се прават врз основа на заслуга тоа значи – квалификација, вештини, искуство, а не врз основа на припадност на партија или некои лични врски.
-За различните тврдења во поглед на надворешните политички влијанија ги повикуваме властите да ги истражат и да делуваат во однос на резултатите од тие истраги, рече Гир, одговарајќи на новинарско прашање вчера на прес-конференција во Министерството за одбрана.
Прашан како ја коментира одлуката на Судот, да не им изрече мерка притвор на инволвираните во упадот во М-НАВ, рече дека јасни се обврските на државата во однос на овој систем кој е дел од критичната инфраструктура.
-Обично како амбасадор немам обичај да коментирам одлуки на суд, меѓутоа сметам дека јасно кажавме кои се обврските по однос на гаранцијата на заштитата на овој систем, но не само на овој туку и на системите од критичната инфаструктура, рече Гир.
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба на Основното јавно обвинителство – Скопје против решенија на судии од претходна постапка од 5 јануари, со кои на четири лица им определи мерки на претпазливост, а поврзани со случувањата во М-НАВ, во текот на вчерашниоѕ ден оформи предмет по добивање на одговор на жалба од одбраната.
– Со оглед на барањето на странките во постапката, но пред се заради доследно почитување на законските одредби, судот во рокот од 48 часа ќе донесе соодветна одлука за што ќе ги информира странките и јавноста, се посочува во денешното соопштение од Кривичниот суд.
Во однос на прашањата поврзани со други лица инволвирани во случајот, Судот информира дека до попладнево јавниот обвинител до судот нема поднесено дополнително барање за определување мерки и за други инволвирани лица освен за четворицата кои веќе се под мерки за претпазливост.
За нападот во зградата на М-НАВ и напад на вработени, Кривичниот суд им одреди мерки за претпазливост на Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и уште три лица иако Јавното обвинителство бараше притвор.
Премиерот Димитар Ковачевски претходно во одговор на новинарско прашање рече дека со М-НАВ треба посериозно да се позанимава не само Владата, туку и Еуроконтрол бидејќи тие се во системот на Еуроконтрол и нивното финансирање е оттаму.
-Таму има неколку аспекти коишто треба да се анализираат и во дел во којшто треба да се интервенира. Прво, сметам дека таа фирма е станата како семејна фирма, бидејќи кога ќе погледнете има до трето колено вработени. Вие кога ќе земете синдикат – татко му таму работел, таму тој работи, брат му работи таму, на крај тие станале како семејство во кое што имаат конфликти коишто обично се случуваат по дома, кај луѓе, и сметам дека треба да се испитаат и како што вели и ЕУ, начинот на којшто ги прават конкурсите, начинот и критериуми на селекција на кандидати итн., да не се случи некој кандидат да добива готови тестови не знам, меѓутоа се тоа треба да се види, бидејќи премногу „случајности“ има во таа организација, кои имплицираат дека можеби тие случајности и не се толку случајни, рече Ковачевски, оценувајќи дека надзорот на синдикалните организации не е притисок.
Владата, завчера на седница даде насоки за разрешување на претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор во М-НАВ Љубе Стаменковски, ѝ препорача на Агенцијата за цивилно воздухоповство да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и да го информира ресорното министерство и Владата, а исто така, го задолжи и Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на „М-НАВ“ А.Д. – Скопје.
Упадот се случи на 4 јануари веднаш по прес-конференцијата на претседателот на ССКЛ на која тој информираше дека контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ се очекува да почнат да поднесат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.