„Фолксваген“ со новиот прототип Mission Efficiency постави три светски рекорди и покажа колку може да се подобри ефикасноста на електричните автомобили. Највпечатливи се резултатите поврзани со аеродинамиката и потрошувачката на електрична енергија.
Прототипот има коефициент на отпор на воздухот од само 0,158. Според германскиот производител, тоа е рекорд меѓу автомобилите одобрени за учество во сообраќајот.
Во идеални услови и при постојана брзина од 68 километри на час, Mission Efficiency постигнал потрошувачка од само 6,48 киловат-часови на 100 километри.
Возилото покажало висока ефикасност и во реални услови. На официјално документирана траса долга 1.278,36 километри, од Волфсбург преку Полска и Чешка до Виена, просечната потрошувачка изнесувала 7,51 киловат-часови на 100 километри, заедно со загубите при полнењето.
Кога не се пресметуваат загубите при полнењето, потрошувачката на прототипот изнесувала 6,89 киловат-часови на 100 километри.
Просечната брзина во текот на патувањето била 67,72 километри на час, додека максималната достигнала 138 километри на час.
Батеријата, со капацитет од 54,9 киловат-часови, била наполнета само еднаш. По пристигнувањето во Виена, автомобилот имал уште околу 164 километри проценет домет.
За постигнатите резултати најмногу придонела аеродинамиката. Возилото има исклучително низок преден дел, активни отвори за ладење, целосно обложена долна страна, покриени задни тркала и посебно обликувани елементи на каросеријата.
Од „Фолксваген“ наведуваат дека при брзини поголеми од 80 километри на час, потрошувачката на Mission Efficiency е повеќе од 30 отсто пониска во споредба со стандардната верзија на моделот ID.Polo.
Во прототипот се применети и технологии наменети за идните сериски модели на германскиот производител. Возилото е опремено со електромотор со моќност од 99 киловати, односно 135 коњски сили, и ја користи платформата MEB+ со преден погон.
Mission Efficiency е долг 4,78 метри, има четири седишта и багажник со зафатнина од 481 литар.
Дел од концептот е и соларен систем со моќност од 370 вати, вграден во стаклениот покрив и капакот на багажникот. Во зависност од условите, системот може да го зголеми реалниот дневен домет на автомобилот до 30 километри.
Mission Efficiency засега останува прототип. Постигнатите резултати, сепак, покажуваат дека комбинацијата од напредна аеродинамика и технологии погодни за сериско производство би можела значително да ја намали потрошувачката на идните електрични автомобили.
