Конфликтот влегува во 21-ви ден, расте притисокот за запирање на ескалацијата
Во услови на засилени тензии на Блискиот Исток, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека конфликтот со Иран се движи кон крај. Тој оцени дека развојот на настаните оди во насока на брзо смирување, додека војната меѓу Иран, САД и Израел веќе трае три недели.
Говорејќи од Овалната соба за време на средба со јапонскиот премиер Санае Такаичи, Трамп ја пофали американската војска за, како што рече, „неверојатната работа“. Во исто време, посочи дека му укажал на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не се повторуваат нападите врз чувствителни енергетски цели во Иран.
„Му реков, не го прави тоа, и тој нема да го стори тоа“, тврдеше Трамп.
Нападите врз енергетски цели ја засилија кризата
Трамп не откри дали однапред бил информиран или дал согласност за израелскиот напад врз гасното поле Јужен Парс. Претходно нагласи дека САД „не знаеле ништо за овој конкретен напад“.
Овој напад предизвика силна реакција од Иран, кој возврати со напади врз енергетската инфраструктура во Катар и пошироко во регионот. Станува збор за една од најсериозните ескалации во тековниот конфликт.
Според информации од израелски извори за Ројтерс, ваквите реакции од Трамп не биле изненадување. Тие потсетуваат на слични ситуации од претходните недели, кога беа нападнати складишта за гориво во Иран.
По тие напади, од американска страна беше појаснето: „во тој конкретен случај, тоа не беа наши напади“.
Последици низ целиот регион
Контранападите на Иран оставија значителни последици врз енергетската инфраструктура во регионот. Оштетена е најголемата гасна централа во светот во Катар, додека рафинерија во Саудиска Арабија исто така била цел на напад.
Обединетите Арапски Емирати, пак, беа принудени привремено да ја прекинат работата на дел од гасните постројки, што дополнително ја зголеми загриженоста за стабилноста на енергетскиот систем на Блискиот Исток.
