АД ЕСМ упати деман на исказот од денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ во однос на набавката на јаглен од Косово.
„АД ЕСМ ги оценува како тенденциозни и злонамерни инсинуациите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ искажани во денешната изјава на партискиот портпарол.
Постапката за набавка на јаглен од Косово е во тек и во ниту еден момент досега, ниту еден официјален претставник во преговорите не споменал во јавноста детали од преговорите, особено не во однос на цената на јагленот. Податокот на кој се повикува посоченото лице во својата изјава е податок од неименуван извор споменат во дел од медиумите. Но, и тој податок е искористен парцијално, само за потребите на денешната изјава, а со цел нанесување на штета на имиџот на компанијата. Во интерес на вистината, според експерти кои дел од медиумите наводно ги консултирале, цената на ископан тон јаглен во рудниците на Косово изнесува 8 евра, но додека стигне до РЕК Битола цената се искачува на 23 евра заради транспортните трошоци. И покрај тоа што двата податоци се погрешни, портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ во денешната своја изјава не го зел тоа во предвид, веројатно со единствена цел да наштети на имиџот и угледот на компанијата.
Споредувањето, пак, на постапката за обезбедување на јаглен со цел зголемување на домашното производство и најавите за евентуални намалувања на трошоците на компанијата согласно можностите што ги дава Законот за работни односи, се неетички и неморални. Станува збор за два неповрзани процеси кои имаат една заедничка цел – справување со енергетската криза што ја погоди земјава и европскиот континент“ – стои во демантот од АД ЕСМ.