Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека земјата не треба да го усвои еврото, бидејќи Европската унија, како што рече, се наоѓа во процес на „распаѓање“, па Унгарија не треба уште посилно да ја врзува својата иднина со блокот.
Во интервју за економскиот портал EconomX, Орбан нагласи дека усвојувањето на заедничката европска валута би претставувало „најцврста можна поврзаност со ЕУ“, што, според него, не е во интерес на земјата.
Унгарија и покрај тоа што повеќе од две децении е членка на Унијата, сè уште не ги исполнува критериумите за влез во еврозоната. За разлика од Данска, Budimpeшта нема формално изземање од обврската за приклучување, но засега не покажува ниту политичка волја за тоа.
Неколку други земји од регионот – меѓу кои Полска, Чешка и Романија – исто така го одложуваат воведувањето на еврото.
Орбан, кој е на власт од 2010 година, е еден од најгласните критичари на Брисел, особено поради задржувањето на европските фондови за Унгарија, поврзано со реформите за владеење на правото.
„Унгарија не треба да ја врзува својата судбина поцврсто со Европската Унија отколку што ја врзува сега, а воведувањето на еврото би било најблиската можна врска“, изјави Орбан.