Мерките се дел од пакет санкции против Русија

Од денеска стапуваат на сила нови ограничувања за руските дипломати во земјите на Европската Унија, со цел да се спречи шпионажа и ширење дезинформации.

Согласно мерките, руските дипломати, конзуларни службеници, нивниот персонал и членови на семејството мора да ја известат земјата на дестинација и сите транзитни земји најмалку 24 часа пред патување низ Шенген зоната, доколку патуваат надвор од земјата домаќин. Патувањето во самата земја домаќин не мора да се регистрира.

Земјите-членки исто така може да воведат постапка за поднесување барање за влез или транзитно овластување, со цел да го забранат движењето на лицата во случај на сомневање за разузнавачки активности. ЕУ истакнува дека прекршувањето на мерките може да доведе до лишување од дипломатски статус.

Мерките беа формално усвоени во октомври минатата година како дел од пакетот санкции против Русија и објавени во Службениот весник на ЕУ. Како што посочуваат претставниците на Унијата, некои од вклучените лица учествувале во шпионажа и во ширење на дезинформации за војната, со цел да се влијае врз јавното мислење.

До сега, руските дипломати генерално можеле слободно да патуваат низ ЕУ. Источните земји од Унијата со години критикуваа за оваа привилегија, додека другите земји-членки стравуваа дека ограничувањата би можеле да предизвикаат контрамерки за европските дипломати во Русија.