„Ја поздравувам денешната одлука на Европската комисија за одобрување финансирање за Бугарија во вредност од 11 милијарди евра. Овие средства се исклучително неопходни за нашата земја да го постигне просечниот европски животен стандард“.

Ова го истакна вицепремиерот за европски фондови и министер за финансии во оставка Асен Василев по повод Договорот за партнерство што денеска го усвои Европската комисија, со кој се дефинира инвестициската стратегија на Бугарија.

Министерот Василев истакна дека за прв пат во договорот 50 отсто од средствата се за проекти во Северна Бугарија. За споредба, во претходниот програмски период (2014-2020) само 27 отсто од средствата беа инвестирани во северните региони на земјата, потсетува БТА.

Фондовите за кохезиона политика имаат за цел да ја промовираат економската, социјалната и територијалната кохезија во бугарските региони и се насочени кон поддршка на најранливите од нив. Средствата ќе и помогнат на Бугарија да ја подобри својата основна инфраструктура, особено во регионите каде што инвестициите во инфраструктурата се недоволни или отсутни. Речиси половина од вкупното финансирање, во износ од 4,2 милијарди евра, ќе се инвестира во северозападниот, североцентралниот и североисточниот регион, вклучително и во форма на кофинансирање за изградба на тунелот Шипка – првиот тунел што ќе минува низ Стара Планина.