Советот на ЕУ донесе одлука според која до крајот на 2022 година на земјите-членки ќе им бидат достапни дополнителни 3,5 милијарди евра за предфинансирање на потребите на бегалците од Украина кои се на нивни територии.

Земјите-членки ќе добиваат средства пропорционално на бројот на бегалци што ги примиле, а со одлуката се воведува опцијата за „единечна цена по лице“, која треба да овозможи поефикасно задоволување на основните потреби на раселените лица од Украина и да обезбеди основна помош.

Средствата ќе бидат распределени од Програмата на ЕУ за закрепнување на пандемијата (REACT-EU) и Фондот за европска помош со зголемување на финансирањето на земјата од 11 проценти на 15 проценти за сите земји-членки и дури 45 проценти за оние кои примиле повеќе бегалци од Украина од еден процент од своето население.