Помеѓу 654-те полиња за сликички на 97-те страници на албумот, ќе се најдат и нашите Горан Пандев, Елиф Елмас, Столе Димитриевски, Бесарт Ибраими, Езџан Алијоски, Енис Барди и останатите играчи од тимот кој е помеѓу 24-те нации учеснички на финалето во Европското првенство во фудбал кое ќе се одржи ова лето.

Шестнаесеттото Европско првенство во фудбал ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули во 12 градови домаќини ширум Европа. Македонската фудбалска репрезентација, првиот натпревар го игра на 13 јуни, против репрезентацијата на Австрија.

Албумот на Panini за ЕУРО 2020 содржи 654 нумерирани слики со фудбалери од 24 репрезентации, специјални слики со амблеми, групна слика и слики во акција, како и дополнителни 14 брендирани слики на крајот. Албумот доаѓа со 6 сликички и чини 80 денари, а едно пакетче со 5 сликички е 40 денари.

За идеално пополнување на албумот ќе ви бидат потребни 5.344 денари што е збир од 668 сликички по осум денари, тоа подразбира да имате среќа да успеете да ги замените сите дупликати, што е малку веројатно.

Според формулата на британскиот професор Пол Харпер, ако се менувате со десет пријатели, за целосно да го пополните албумот, ќе ви бидат потребни 12.238 денари.

Македонската фудбалска репрезентација првпат на Европско првенство

Албумот ги содржи сите 24 репрезентации кои што ќе учествуваат во овогодинешното Европско првенство во фудбал, поделени во шест групи од по четири репрезентации. Македонија е во група Ц заедно со Австрија, Холандија и Украина.

Македонската фудбалска репрезентацијата, во албумот е претставена на две страници со 20 сликички за играчи и логото на Фудбалската федерација на Македонија. Дополнително, има и дел каде фудбалерите се претставени „во акција“ заедно со фудбалерите од Украина.

Дејан Стефановски, колекционер од Скопје, кој првиот Panini албум го пополнувал во 2006 година, за Светското првенство во Германија, вели дека годинава уште поголем мотив за пополнување е фактот дека учествува и македонската фудбалска репрезентација.

– Пополнувањето на албумот за мене е предизвик, бидејќи запознаваш многу луѓе – спортски ентузијасти и има многу дружење. За минатото Светско првенство имаше и група на Facebook каде се договраше менување сликички во Скопје, додека масовното менување беше за викенд на фонтана во Парк. И годинава има група за менување, која веќе е активна. Секако, ќе ги следиме процедурите и забраните за собирање, вели Стефановски за МИА.

Последниот целосно пополнет албум на Стефановски е за Светското првенство во Русија 2018 година, кој успеал да го собере за неполни три месеци.

– Успеав да го соберам идеално, што значи дека речиси сите добиени дупликати успеав да ги заменам со други колекционери. На крај, само ги нарачав последните пет сликички. Откако целосно го пополнив, ми останаа околу 15-тина дупликати, кои ги подарив на првото дете што го видов на еден од собирите за менување, изјави Стефановски.

Од овластениот увозник на Panini за Македонија, „Дипрес“, кој албумот кај нас го пушти во продажба на втори април, за МИА изјавија дека главната причина што сметаат дека ќе придонесе за интересот за годинешниот албум е тоа што сега во албумот ја има и нашата репрезентација.

– Важно е дека албумот е пристигнат, вложуваме напори што побрзо да биде дистрибуиран низ цела држава, да биде достапен на луѓето. Ќе се продава континуирано до Европското првенство, како секој друг албум. Првите денови, разбирливо, притисокот е посилен затоа што луѓето го очекуваат албумот. Ќе има доволно количини постојано, колку ќе има потреба толку ќе нарачуваме, велат од „Дипрес“.

Дополнуваат дека продажбата веќе почнала во нивната продавница во Скопје, каде луѓето многу културно, многу рационално се однесуваат, со строго почитување на мерките, и сѐ си функционира нормално.

Пополнувањето на албумот – скап колекционерски предизвик

Приказната за Panini почнува во 1961 година од браќата Бенито и Џузепе Панини, а првиот албум со сликички од фудбалери е од Светското првенство во Мексико 1970 година, кој содржи 288 сликички. Пополнувањето на албумот потоа станува традиција за фудбалските фанови од целиот свет, како загревање пред Европските и Светски првенства. Со годините, бројот на сликички се зголемува, а со тоа и трошокот на колекционерите.

Зад успехот на Panini се крие технологијата „фифиматик“ што им овозможува автоматско мешање и пакување на сликичките. Тоа го прави пополнувањето на целиот албум вистински предизвик.

Британскиот професорот по математика Пол Харпер, има развиено и математичка формула за тоа колку би чинело пополнувањето на албумот без менување, а колку со оптимално менување со десетина пријатели.

Според неговите пресметки, за целосно пополнување на албумот со 682 сликички за Светското првенство во Русија 2018 година потребно било да купите 4.832 сликички или 967 пакетчиња. Според пресметките на професорот, еден играч, без да се менува, пополнувањето на тој албум го чинело 38.680 денари, а доколку се менува со десет пријатели трошокот можел да го намали на 12.520 денари.

Ако ја примениме формулата на професорот Харпер за албумот за ЕУРО 2020, кој има 668 сликички и цените кај нас, би значело дека ако сакате сами да го пополните албумот, без менување, ќе треба да купите 4.731 сликичка или 946 пакетчиња по цена од 40 денари – тоа се 37.840 денари. Доколку се менувате со уште десет други пријатели тоа ќе ве чини 12.238 денари.

Издавачот Panini, како што пренесува британски The Telegraph смета дека тврдењето на професорот Харпер не е точно, бидејќи луѓето не живеат во меур и може да се менуваат едни со други, како и дека секогаш последните неколку сликички може да ги нарачаат директно од компанијата.

Албумот за ЕУРО 2020 е достапен и како дигитална верзија со мобилна апликација, во соработка со Coca-Cola.

Дигиталната верзија на официјалниот албум нуди можност за собирање на 11 играчи од сите 24 национални репрезентaции, како и можност за собирањe на 24 Фан сликички за менување со Coca-Cola.

Шеснаесетто европско првенство во фудбал со 12 држави домаќини

Ова е 16-то европско првенство и ќе се одржи во 12 држави, домаќини ќе бидат Англија (Лондон), Германија (Минхен), Италија (Рим), Азербејџан (Баку), Русија (Санкт-Петербург), Унгарија (Будимпешта), Романија (Букурешт), Холандија (Амстердам), Шпанија (Билбао), Шкотска (Глазгов), Ирска (Даблин) и Данска (Копенхаген).

Европското првенство ќе биде отворено на 11 јуни со натпреварот помеѓу Италија и Турција. Нашата репрезентација првиот меч го игра во Букурешт против Австрија на 13 јуни, четири дена подоцна игра против Украина, а последниот меч во групата е против Холандија на 21 јуни.