Франција

Пред нешто повеќе од една недела, во Франција беа отворени терасите на рестораните и кафулињата, а културните институции и продавниците повторно работат. Постојат одредени ограничувања во врска со бројот на посетители или клиенти кои им е дозволено да ги примаат. Негативниот тест за Ковид-19 не е предуслов за користење на нивните услуги. Ноќен полициски час е во сила низ целата земја (од 21:00 часот). Патување низ земјата е дозволено, а хотелите се отворени. Бројот на регистрирани нови инфекции значително опадна, од 124 во последните неколку дена (за седум дена на 100.000 жители). На патниците од остатокот од Европа им е потребен негативен тест за PCR (не постар од 72 часа) за да влезат во Франција, а покрај тоа мора да се пополни формулар со кој се гарантира дека патниците немаат симптоми на Ковид-19. Вакцинираните лица немаат никаков „бонус“ во секојдневниот живот.

Грција

Грција веќе укина голем дел од ограничувањата поради пандемијата, бројот на нови инфекции опаѓа од ден на ден, а кампањата за вакцинација напредува со брзо темпо. Грција ја отвори својата туристичка сезона пред неколку недели, а бројот на резервации од странство расте, потврдуваат грчките хотелиери. Во меѓувреме, отворени се античките места, музеи, тераси на кафулиња, барови и таверни. Правилата за хигиена се во сила, односно задолжително почитување на физичката оддалеченост. Ноќниот полициски час (0:30-5:00) сè уште е на сила. Пред да влезат во земјата, сите посетители мора да се регистрираат на веб-страницата на грчката влада (https://travel.gov.gr), по што ќе добијат QR-код. Покрај тоа, при пристигнувањето тие мора да достават доказ дека биле целосно вакцинирани (најмалку 14 дена пред да влезат на грчка почва), дека прележале Ковид-19 или негативен тест за PCR (стар максимум 72 часа). Истото важи и за деца од пет години и постари. Карантинот за посетителите е укинат.

Италија

Италијанската влада континуирано ги олеснува ограничувањата воведени поради коронавирусот. Во меѓувреме, сите региони се таканаречени „жолти зони“. Фитнес центрите имаат дозвола повторно да работат во нив. Обврската за користење заштитни маски на сите јавни простори е сè уште во сила. Кафулињата, баровите и рестораните се отворени до 23:00 часот (кога започнува полицискиот час), гостите се служат само во надворешниот дел од објектите. На луѓето им е дозволено да ги посетуваат театрите, музеите и кината. Сите оние кои патуваат во Италија мораат да презентираат негативен ковид-тест, во тој случај гостите не мора да бидат ниту во карантин. Бројот на нови инфекции значително опадна и во Италија. Луѓето кои се вакцинирани или негативни на тест за Ковид-19 „уживаат“ во некои придобивки. На пример, во Јужен Тирол им е дозволено да посетуваат театри, музеи или базени со таканаречениот „корона-пас“.

Австрија

Седумдневната инциденца се намалува и во Австрија, во моментов на приближно исто ниво со Германија. Сепак, предупредувањето на Министерството за надворешни работи во Берлин од патување во соседна земја е сè уште валидно – но ако повратниците од Австрија во Германија презентираат негативен тест за Ковид-19, тие повеќе не мора да се изолираат. Од минатата недела ниту германците кои патуваат во Австрија не треба да бидат ставени во карантин. Наместо тоа, тие мора да обезбедат доказ дека биле негативно тестирани, вакцинирани со две дози или дека биле излекувани од Ковид-19. Истото важи и за посета на ресторани, престој во хотели или одење на разни настани. Гостите од странство, меѓу другото, можат да направат бесплатни тестови во аптеки или центри за тестирање. Владата во Виена планира дополнително укинување на ограничувањата од 10-ти јуни, на пример околу бројот на гости кои имаат дозвола да користат гастрономски услуги.

Шпанија

Седумдневната инциденца во оваа земја е околу 58. Во некои туристички региони ситуацијата е уште подобра – во Балеари (околу 17), во Валенсија (14) или на Канарските Острови (околу 38). Пред нешто повеќе од две недели, заврши шестмесечната вонредна состојба поради пандемијата, и сега голем број ограничувања се укинуваат. Од понеделник, на посетителите од други земји (каде што состојбата со пандемијата е релативно релаксирана) им е дозволено да влезат во Шпанија – без никакви компликации. За само неколку дена (од 7 јуни), на луѓето кои се целосно вакцинирани им е дозволено да патуваат во Шпанија без никакви ограничувања. Сепак, некои ограничувања и правила сè уште важат, како што се употреба на маски и на отворено, ноќниот полициски час или ограничувања за употреба на затворени простори во гастрономската индустрија. Патниците од областите со висок ризик во странство мора да презентираат негативен тест. Засега, нема никакви привилегии во Шпанија за луѓето кои се водат како оздравени од вирусот или за оние кои биле вакцинирани.

Турција

Иако бројот на регистрирани нови инфекции се намалува и во Турција, ноќниот полициски час се уште е во сила во таа земја, и за време на викендите. Но, ова ограничување не се однесува експлицитно за туристите, тие можат слободно да се движат. Според официјалните податоци, околу 8.000 нови инфекции сега се пријавуваат во Турција дневно, а повеќе од 60.000 нови случаи се пријавуваа секој ден во текот на април. Туристите мора да презентираат само негативен PCR тест пред да влезат во Турција.