Европските разузнавачки служби во моментов не располагаат со информации дека Русија подготвува воен напад врз европските членки на НАТО. Ова во четвртокот го изјави висока европска функционерка за „АФП“, која побарала да остане анонимна.
„Европските служби не гледаат ризик од руски напад врз европските земји“, изјавила функционерката.
Таа додала дека, кога станува збор за можни закани кон европските членки на НАТО, „не гледаме ништо што укажува дека во моментов се подготвува нешто“.
Изјавата следува по пишувањата на американските медиуми дека директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Џон Ратклиф, претходно оваа седмица патувал во Москва, наводно со цел да ја одврати Русија од евентуален напад врз Северноатлантската алијанса. Тие информации се засновале на неименувани извори, без да бидат презентирани докази.
И покрај тоа што европските разузнавачки служби не регистрираат подготовки за воен напад, функционерката оценила дека Русија активно се обидува да создава проблеми за европските земји.
Таа посочила дека Европската унија силно ја поддржува Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година, поради што, според неа, „ескалацијата од руска страна е јасно присутна“.
Европската унија подолг период ја обвинува Москва за водење „хибридна војна“ против европските земји. Меѓу инцидентите за кои европските престолнини зборуваат веќе повеќе од една деценија се наведуваат упади со беспилотни летала, кибернапади, дезинформации и политичко мешање.
Источните членки на ЕУ се сметаат за најизложени на ваквите активности.
„Она што го гледаме се овие хибридни, а потоа и малку-помалку хибридни напади што продолжуваат, и претпоставуваме дека ќе продолжат“, рекла функционерката.
Во четвртокот и американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин нема да нападне територија на НАТО.
„Имав добри разговори со него. Тој нема да нападне територија на НАТО“, им рекол Трамп на новинарите во Белата куќа.
Во меѓувреме, Кремљ ги отфрли информациите објавени во американските медиуми за наводното патување на директорот на CIA во Москва. Од Кремљ во четвртокот оценија дека тврдењата дека Ратклиф отпатувал во Москва за да ја одврати Русија од наводен напад врз НАТО се „целосно надвор од допир со реалноста“.
