Лидерот на СДСМ Венко Филипче повика власта да распише референдум за прашањето на уставните измени, со цел да се внесе бугарско малцинство во Уставот и да се деблокираат преговорите со Европската Унија.
– Затоа што ова веќе не е политичко прашање. Ова е прашање на сите нас, за секој еден граѓанин, за нашите семејства. Едноставно, прашање за нашата иднина. Нема да дозволиме децата да се селат во Европа, во Америка, во Австралија. Не сакам нашите деца да растат тука во оваа земја, која што е безнадежна, којашто нема иднина и во којашто не ја гледаат својата шанса.
Ова, почитувани граѓани, е референдумско прашање. Не може Христијан Мицкоски да одлучува за нашите судбини. Едноставно, доста е. Мора граѓаните да одлучат за тоа. Затоа што граѓаните, нивните семејства, нивните деца, ќе ја плаќаат цената на овие погрешни политики на Мицкоски.
Затоа граѓаните се единствени кои што можат да одлучат за својата судбина. Не сакаме сите да ја плаќаме оваа цена. Сакаме иднина. Распишете референдум, прашајте ги граѓаните. Не може вие да одлучувате за судбината на сите кои што живеат во државата – рече Филипче на прес-конфереанцијата.
