Како што рече, инциденцата за 14 дена е околу 35 случаи на 100 000, а спорадично ширење се смета дека е кога таа бројка е 20.

Комисијата препорача од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено, но на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца, остануваат задолжителни. Предложи и да престане да важи забраната за групирање на отворено, но при групирање повеќемина останува препораката да се носат заштитни маски.

Како што и претходно соопшти Министерството, Филипче рече дека се дозоволуваат организација на свадби и прослави на отворено со најмногу 100 гости и не повеќе од 50 отсто пополнетост на капацитетот, и да се дозволи спортските натпревари на отворено да бидат со публика која нема да пополни повеќе од 30 отсто од капацитетот на местото каде што се одржува.

-Засега останува полицискиот час како дополнителна мерка, во смисла да се ограничува дополнително групирање во одреден временски период, а ние будно ја следиме ситуацијата и понатаму, рече Филипче.

Соопшти дека значајно е подобрена состојбата во болниците и продолжува трендот да нема притисок за прием. Работат само инфективните одделенија и повеќе нема потреба за ротации на кадарот. Добро се спроведува, рече, и вакцинацијата, со смалено темпо за првата доза, но динамиката повторно ќе се засили од идната недела кога се очекуваат да пристигнат нови пратки вакцини.