-Секогаш водиме грижа, не само за овие вакцини туку за сите лекови и вакцини, прво да се соодветно испитани. Да ги имаат соодветните сертификати за квалитет, кои се издаваат од страна на производителот, секако потврдени од регулаторните тела европската и американската агенција и секако водиме сметка посебно за оваа вакцина на тоа на што укажуваат националните агенции на овие земји во ЕУ кои привремено го прекинаа вакцинирањето. Се сублимираат сите сознанија публикации од сите оние кои се занимаваат со оваа работа – рече Филипче.

Министерот истакна дека Европската агенција за лекови, денеска излезе со став дека вакцината Астра Зенека е безбедна и нема причинско последична врска со случаите поради кои во некои земји во ЕУ привремено беше прекината вакцинацијата со оваа вакцина. Што се однесува до испораката на вакцините, министерот истакна дека датумите ги зема со резерва но тоа не е поради наши пропусти туку од причина што и самите производители се под голем притисок и навремено не може да испорачаат вакцини.

-Имаме датуми но сега ги земаме со резерва. Имаме еден тајмлајн и внимателни сме како го споделуваме. Тоа не е поради некои наши пропусти во процесот, кој го почнавме уште минатата година. Во есенските месеци почнавме со подготовка на системот, кога аплициравме во Ковакс, кога ги направивме првите чекори, еве и регионалниот директор на СЗО Ханс Клуге вчера го потврди тоа. Но, се случи произведувачите практично да не може да испорачаат. Се случи да се одложат двата механизми во коишто голем број на земји веруваа, дека преку нив може порано да стигнат до вакцините – рече Филипче.

Според најавите од Ковакс механизмот, министерот рече дека две пратки на вакцини од Астра Зенека треба да стигнат на 31 март и 15 април, но укажа дека може да има и каснење, истото го потенцираше и за кинеските вакцини кои исто според најавите на производителот се очекуваат да стигнат на крајот од месецот.

– Она што е важно е дека навремено пристапивме, навремено ги почнавме комуникациите и сега практично секојдневно комуницираме. Колкав е капацитетот на производителите и на овие колективни механизми така ние ќе ги добиеме и тие вакцини. Важно е дека системот е спремен, точно знаеме како ќе се спроведува вакцинацијата и сега вакцинацијата со здравствените работници тече без никаков застој што ни укажува дека ситемот е навистина подготвен – рече Филипче.