Управители на две правни лица и петмина вработени во Агенцијата за управување со одземен имот се осомничени за злоупотреба на постапка за јавна набавка, откако Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против нив до Основното јавно обвинителство Скопје.

Кривичната пријава е поднесена против Н.И. и Б.Г., во својство на управители на правни лица, против две правни лица, како и против вработените во агенцијата Ф.А., Г.А., П.К., Ф.Ј. и А.Б.

Според пријавата, осомничените Н.И. и Б.Г. во текот на 2021 година, со однапред утврдена намера и со координирани дејствија ги повредиле прописите од постапката за јавен повик и за доделување договор за јавна набавка, со што ја нарушиле конкуренцијата во постапка за продажба на хаварисани моторни возила – старо железо, организирана од Агенцијата за управување со одземен имот.

Во постапката едниот правен субјект бил прикажан како формален конкурент и доставил понуда со намерна техничка грешка и нереален паричен износ, со што им било оневозможено понатамошно наддавање на останатите учесници.

Дополнително, Г.А., П.К. и Ф.Ј., во својство на членови на комисијата за спроведување на постапката, спротивно на одредбите од Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети, а врз основа на подзаконски акт и правно мислење изготвено од А.Б., свесно помогнале во реализација на договорената шема.

На овој начин, како што информира Финансиската полиција, било овозможено склучување договор за продажба на одземени хаварисани возила како старо железо помеѓу Агенцијата за управување со одземен имот, претставувана од Ф.А., и правниот субјект управуван од Н.И., при што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од 2.128.352 денари (34.000 евра).

Од Управата за финансиска полиција соопштуваат дека случајот е доставен до надлежното јавно обвинителство за понатамошно постапување.