Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека не ја поддржува идејата за бојкот на самитот на Г-20 во Индонезија доколку на него учествува и рускиот лидер Владимир Путин.
Таа посочи дека форматот на Г-20 е од големо значење не само за развиените, туку и за земјите во развој и според неа, неопходно е да се водат широки разговори за актуелните состојби во светот.
Самитот на лидерите на Г20, на кој се поканети лидерите на сите земји членки, меѓу кои и претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, се очекува да се одржи на 15 и 16 ноември на Бали.
САД и другите сојузнички земји се обидоа да извршат притисок врз Индонезија, која претседава со Г-20 оваа година, да ја откаже поканата на Русија за учество на самитот.
Меѓутоа, официјална Џакарта одговори дека е испратена покана до Русија, дека на самитот ќе се разговара за економски прашања и дека политиката не може да влијае на агендата на тој собир.
На предлог на САД и нивните сојузници, индонезиската Влада ја покани и Украина на самитот.