Плусинфо објави досега непознати комуникации од истрагата за „Пулс“

Медиумот „Плусинфо“ објави детална анализа на истрагата за случајот со дискотеката „Пулс“, при што јавноста првпат дознава за серија телефонски пораки. Медиумот пораките ги добил од извор во Обвинителството и откриваат можни политички и институционални врски со раководни лица од тогашната власт.

Споменати имиња и наводни ургенции во институциите

Во комуникацијата се спомнуваат неколку познати личности од политичкиот живот. Михајло, синот на сопственикот на дискотеката Дејан Јованов – Деко, во разговор со лице по име Бојана тврди дека поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски наводно ургирал во штипската полиција за дискотеката, за да се намали или избегне казна од 40.000 евра што требало да ја изрече УЈП. Во пораките се спомнува и дека преку семејни врски била направена интервенција преку извесен Станко од Скопје.

Во друга комуникација од јуни 2023 година, Михајло разговара со Драган Паунов – Дацо, инспектор од УЈП во Кочани. Од разговорот произлегува дека Михајло се обидувал да влијае врз одлуки на инспекцијата преку контакти со политички личности како Сања Лукаревска и Благој Бочварски, а Дацо го советува да се обиде да посредува и преку Трајче Стојчевски од СДММ.

Политички коментари и блиски односи со инспектори

Во пораките се забележуваат и неформални разговори меѓу Михајло и инспекторот Дацо, каде се коментираат политички партии и изборни резултати. Михајло во една порака наведува дека „нашата Левица многу слаба“, а во други му пишува на Дацо за „седенки“, па дури и за купување очила од по 300 евра. Разговорите, според објавените материјали, покажуваат блиски и неформални односи меѓу сопствениците на дискотеката и лица од институции задолжени за контроли од тогашната власт на СДСМ.

Потреба од целосна и независна истрага

Авторот на анализата посочува дека на надлежните органи останува обврската да утврдат дали навистина постоеле политички интервенции или влијанија во корист на дискотеката „Пулс“. Според текстот, ваквите комуникации создаваат сериозни сомнежи за евентуални злоупотреби на службени позиции и за неформални договори меѓу функционери и приватни бизниси.

Во завршницата се наведува дека објавувањето на овие информации има за цел да ја поттикне јавноста да бара одговорност и транспарентност од Јавното обвинителство.

Целата вест прочитајте ја ТУКА.