Десетици демонстранти излегоа на улиците на градот по уште една девалвација на локалната валута на црниот пазар. Некои демонстранти се обидоа да упаднат во јавните згради, вклучително и во зградата на Централната банка, но распоредените војници ги спречија во тоа, по што започнаа судирите. Меѓу ранетите има и демонстранти и војници.
Редот и мирот во градот беше воспоставен дури изутрината.
Курсот на црниот пазар на либанската фунта беше 17.500 фунти за 1 долар. Официјалниот фиксен курс е 1507 фунти за 1 долар и е со таа вредност скоро две децении. Кризата во Либан е придружена и со недостиг на гориво, што доведува до бескрајни редици пред бензинските пумпи веќе две недели.
Во петокот, владата соопшти дека финансирањето на увозот на гориво, кое во голема мерка е субвенционирано, ќе се изврши според средниот курс на либанската фунта од 3900 фунти за 1 долар, што ќе значи повисока цени за крајните корисници .
Во Либан сè уште нема нова влада што ќе ги спроведе потребните важни економски реформи што ги бара меѓународната заедница.