Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека здравството останува меѓу главните приоритети на Владата, посочувајќи дека за оваа година се обезбедени рекордни средства за здравствениот сектор. Тој при посетата на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола оцени дека проблемите во здравството се резултат на долгогодишни предизвици кои, како што рече, не можат да се решат веднаш, туку бараат време, вложувања и постојана работа.
„Како Влада оваа година рекордно издвојуваме веќе повеќе од една милијарда евра за здравството и потребите на граѓаните за здравствени услуги“, изјави Мицкоски.
Премиерот ја пофали директорката и вработените во Клиничката болница во Битола за реализираните активности и проекти, оценувајќи дека тие се почеток на процесот за целосна модернизација на здравствената установа.
Според него, планот е постепено целосно обновување на болницата преку инвестиции во реконструкција на објектите, набавка на современа медицинска опрема и зајакнување на кадровските капацитети.
Мицкоски посочи дека целта на овие активности е подобрување на квалитетот на здравствените услуги и создавање услови пациентите да добиваат подобра и посовремена медицинска грижа.
Тој упати благодарност до здравствените работници, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување за досегашната соработка, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи со реализација на инвестициите во здравствениот сектор и во следниот период.
„Остануваме определени за создавање модерен здравствен систем кој ќе може да одговори на потребите на граѓаните“, порача Мицкоски, додавајќи дека јавноста ќе може да ги следи проектите што се спроведуваат во областа на здравството.

