Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше дека рано утрово секторот за инспекциски работи на општина Гази Баба превзема активности за уривање на дивоградба во Керамидница изградена на државно земјиште, со цел заштита на јавниот интерес и воспоставување ред во просторот.

„Нема компромис со Законот Урната уште една дивоградба – јасна порака дека бесправното градење нема да се толерира и дека институциите постапуваат решително и без исклучоци“, истакна Стефковски во објавата на Фејсбук, додавајќи дека целта е да се спречат понатамошни злоупотреби и узурпација на државно земјиште.

Тој посочи дека акцијата се спроведува согласно сите законски процедури, со присуство на надлежните служби.

„Изминатиот период како општина реализиравме повеќе активности за отстранување на бесправно изградени објекти во различни населени места низ општина Гази Баба, со што испраќаме јасен сигнал дека правилата важат подеднакво за сите. Овие активности не се еднократни, туку дел од континуирана стратегија за воспоставување урбан ред, заштита на јавните површини и обезбедување безбедна и планска изградба. Законот мора да се почитува и од тоа отстапка нема. Само преку доследна примена на прописите можеме да изградиме праведно и уредено општество. Без разлика на етничка, верска или било каква друга припадност – Законот важи за сите и ќе се применува неселективно и доследно“, нагласува градоначалникот.

Тој апелираше до граѓаните да не започнуваат градежни активности без добиено одобрение за градење, бидејќи секоја бесправна градба ќе биде санкционирана согласно закон.