Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата ќе продолжи со интензивна реализација на инфраструктурни проекти, со посебен фокус на образованието, оценувајќи дека подобрувањето на условите во училиштата директно придонесува за квалитетот на живот на граѓаните.

На настанот по повод доградбата на основното училиште „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром, Мицкоски нагласи дека ваквите проекти се дел од континуираните напори на Владата во изминатите речиси две години.

„Уште еден ден, уште еден нов проект, уште една нова доградба на училиште. Тоа е практично нашата инспирација – што повеќе проекти и што повеќе додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните“, истакна премиерот.

Тој се заблагодари на локалната власт, Советот на Општина Аеродром, како и на Министерството за образование и наука за поддршката и координацијата во реализацијата на проектот. Притоа, ја потенцираше важноста на заедничката работа меѓу централната и локалната власт.

Мицкоски додаде дека инвестициите во образованието се клучни, бидејќи младите генерации се носители на идниот развој на државата.

„Нашите најмили – дечињата – треба да добијат соодветни услови за образование и стекнување знаење, бидејќи тие се нашата иднина и тие се тие што ќе ја водат Македонија“, рече премиерот.

Тој на крајот изрази очекување проектот да биде реализиран во најкраток можен рок, посакувајќи успешна завршница.

Инвестициите во училиштата се инвестиција во иднината на државата.