Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека Франција и Германија во изминатите месеци повторно се приближуваат и порача дека е потребен нов поттик за билатералното партнерство, особено во клучни европски и меѓународни области.

Макрон изјави дека меѓу двете земји повторно постои усогласување околу европската агенда, пред почетокот на заедничката француско-германска меѓувладина седница што се одржа во близина на германскиот град Келн. Францускиот претседател пристигна на средбата заедно со членови на француската Влада.

„Сметам дека можам да кажам дека во последните неколку месеци има вистинско приближување меѓу Франција и Германија во однос на европската агенда“, изјави Макрон.

Односите меѓу Париз и Берлин во претходниот период беа обележани со повеќе несогласувања, меѓу кои и проблемите околу проектот за заеднички борбен авион. Сепак, Макрон оцени дека соработката меѓу двете најголеми економии во Европската Унија треба дополнително да се прошири.

Тој нагласи дека Франција и Германија имаат заеднички приоритети, меѓу кои се зачувувањето на мирот и безбедноста во Европа, поддршката за Украина, зајакнувањето на европската одбрана и развојот на индустрискиот сектор.

Според францускиот претседател, двете земји треба да продолжат со соработката и во стратешки области како што се вештачката интелигенција и енергетската транзиција.

„Ова е ново стратешко почеток за Европа, што значи и консолидирање на германско-француското партнерство“, изјави Макрон.