Раководството на Фондот за здравство денеска одржа брифинг со новинарите на кој беше кажано дека лекарите од ТОАРИЛУЦ не навеле во конзилијарното мислење какво медицинско лекување треба да му се изврши на Леонид и тоа била причината поради која што првостепената комисија на ФЗОМ го одбила барањето за лекување на 18-годишниот Индов во Австрија.
Директорите на ФЗОРСМ денеска образложија како постапуваат при барања за лекување во странство и како е постапено за овој случај за кој Првостепената комисија ја донела негативната одлука врз основа на конзилијарно мислење од ТОАРИЛУЦ и врз основа на профактурата со понудени услуги од болницата во Австрија што треба да овозможат Индов да се ослободи од респиратор и да му се врати самостојното дишење.
Во конзилијарното мислење потпишано од доктор Александар Димитровски, доцент доктор Александар Савески и доктор Ерен Сејфула, се наведува дека пациентот се упатува на лекување во странство за да „се обезбеди болничко лекување кое вклучува специјална респираторна терапија, говорна терапија и стимулација на дијафрагмата за враќање на респираторната функција со што би се подобрила состојбата на пациентот“.
Во нашата установа поради недостаток на искуство на третман на оваа состојба и недостаток на технички можности не може да се овозможи, пишува во конзилијарното мислење од ТОАРИЛУЦ.
Раководството на Фондот се обратило со допис до Клиниката за да појасни каква интервенција му е потребна на момчето, но оттаму повторно не добиле прецизен одговор.
Видот на третман од центарот во Австрија наведен во профактурата што му е понудена на семејството, пак, како што велат од Фондот, се однесува на здравствени услуги од областа на физикална терапија и медицинска рехабилитација. Првостепената комисија на чело со претседателката д-р Сања Петрова, која била поканета но не беше присутна на брифингот, го одбила барањето затоа што сметала дека таков третман може да му се обезбеди и во нашата држава, иако не е посочена конкретна клиника или здравствена институција.
На прашањето дали и каде има соодветна установа во нашата земја за да му го овозможи третманот на Леонид, беше одговорено дека тоа треба да го образложат докторите кои ја ценеле неговата состојба. А тоа што во конзилијарното мислење не е наведена потребната интервенција или посочена здравствена установа каде треба да се хоспитализира момчето, според ФЗОРСМ остава широк простор за шпекулации.
На прашањето дали Правилникот на ФЗОМ за начинот на користење здравствени услуги на осигурените лица во странство, според кој може да се финансира само болничко лекување, но не медицинска рехабилитација надвор од земјава, може да се измени заради вакви тешки и ретки случаи, беше одговорено дека потребни се измени на Законот за здравствено осигурување.
Двајцата директори на ФЗОРСМ на брифингот се согласни да иницираат законски измени, но нагласија дека е потребно нов начин на финансирање на здравствениот систем затоа што Фондот располага со мал буџет за да излезе во пресрет на потребите на граѓаните во чекор со развојот на медицината. Како што беше речено, во деценија кога има бум во иновациите во лекувањето и во фармацијата, веќе 15 години придонесот за здравствено осигурување е 7,4 отсто и е најнизок од околните земји. Минатата 2023 година ФЗРСМ исплатил 324 милиони денари за 307 лекувања во странство.
По приемот на решението од Првостепената комисија, семејството на Леонид има право на жалба во рок од 15 дена до Второстепена комисија. Младиот Леонид во јули минатата година се повреди на летување во Грција. Неподвижен е и диши со помош на респиратор. На почетокот на месецов (6 февруари) беше транспортиран на лекување во Виена, Австрија, а властите тогаш се пофалија дека тој е првиот пациент од земјава кој се транспортира со медикоптерот на Министерството за внатрешни работи.
На настанот, кој беше и промоција на медикоптерот, присуствуваа дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски, и директорот на Градската општа болница „8 Септември”, д-р Христијан Костов.
Пред два дена, заменик-народниот правобранител Јован Андоновски на својот фејсбук-профил објави дека Фондот за здравствено осигурување го одбил барањето на семејството на Индов – момчето да се лекува во Виена, затоа што такво „продолжено болничко лекување“ можело да се изврши и во здравствени институции во земјава.
Во меѓувреме на социјалните мрежи се споделува повик до граѓаните да донираат средства за младиот Индов да може да го продолжи лекувањето во Виена.