Со фармерки, голи глуждови, патики и спортска јанка, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска се појави на утрената богослужба во храмот на Воскресение во Ерусалим. По објавените фотографии, нејзиниот стајлинг наиде на критики oд јавноста, но и од стручната фела задолжена за протокол, особено бидејќи станува збор за голем црковен настан, а министерката е во друштво на свештени лица, пренесува Макфакс.

„Кај ојш мори чупе по фармерчиња, Цапари на панаѓур?“, е еден од коментарите на фотографиите објавени од Владата. „Макфакс“ побара мислење од Лукреција Маљјовиќ-Атанасовска која е основач и директор на Академијата за протокол. Таа вели дека кодексите на облекување се посебно специфични кога станува збор за црковни објекти и храмови, а нашите претставници треба да заборават на џинсот кога одат во службена функција.

„Секогаш мора да се провери каков дрес код се очекува, дури и при обична туристичка посета, а камоли во склоп на државна делегација на свечена литургија на еден од најсветите христијански празници! Понекогаш не е потребен ни протокол туку здраворазумско чувство за тоа што е прикладно, а што не. Претставувате држава, црква, народ – фармерки и патики не се во ниеден официјален протоколарен кодекс, тоа е облека за во парк и нашите претставници треба да заборават на џинсот кога одат во службена функција!!! Ова е уште еден пример како еден олку значаен момент е засенет од гаф којшто многу лесно можел да се избегне доколку делегацијата имала соодветна протоколарна подготовка“, вели Маљјовиќ-Атанасовска за „Макфакс“.

Министерката неколку часа подоцна ја поправи грешката, па за време на преземањето на светиот оган во Црквата на Светиот гроб во Ерусалим се појави облечена соодветно – во црно сако, црна свечена панталона и бела кошула.

За првпат владина и црковна делегација директно од Ерусалим го носи во Македонија благодатниот оган. Државната делегација во Ерусалим ја предводи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во состав се министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски. Во црковната делегација се повеќемина свештени лица предводени од шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Тетовски-гостиварски, г. Јосиф Тодоровски.