Преку твит тој го објави документот за оставка во кој Велиу наведува дека нема да бара друг мандат бидејќи „сака повеќе да се посвети на своето семејство и децата, кои овие четири години многу му недостасувале“.

Рама во објавата изразува највисока оценка за чесноста, професионалноста и посебната посветеност на Велиу и додава оти е убеден дека има уште многу да придонесе за државата на други задачи, заблагодарувајќи му се за неговиот значаен придонес.

Неофицијално се дознава дека функцијата генерален директор на Државната полиција ќе ја преземе Гледис Нано, актуелен директор за Управата за антитероризам.

Веднаш по објавата на Рама реагираше опозициската Демократска партија, чиј став го пренесе генералниот секретар Газмент Барди, кој оцени дека тоа е „еден криминалец помалку“.

Според него, заминувањето на Велиу кој им „служел на криминални групи и мрежи за трговија со дрога“ било принудно.

Во текот на последните осум години Арди Велиу не е ниту првиот ниту последниот полициски директор што заминува во срам, предизвикувајќи голема штета на земјата и нејзините граѓани. Оваа приказна ќе се повторува сè додека Еди Рама е главниот партнер на организираниот криминал. Без заминување на Еди Рама, никогаш нема да има сериозна борба против криминалот, чесните полицајци ќе продолжат да се чувствуваат предадени и демотивирани, а сериозните криминални настани ќе продолжат да ги вознемируваат нашите градови, се наведува во реакцијата.