Германската влада ги отфрли тврдењата дека тајно спроведува истражувања поврзани со развој на нуклеарно оружје, оценувајќи дека станува збор за руска кампања за дезинформации.
Заменик-владиниот портпарол Штефен Мајер на прес-конференција во Берлин изјави дека овие наводи се дел од, како што рече, вообичаената руска пропаганда.
– Германската влада оваа изјава ја смета за дел од вообичаената руска пропаганда – изјави Мајер.
Според германските власти, кругови блиски до руските разузнавачки служби преку комуникациски платформи ја ширеле информацијата дека Германија работи на развој на нуклеарно оружје.
Мајер оцени дека Москва ја користи загриженоста поврзана со нуклеарното вооружување за да предизвика страв и поделби.
– Русија овде ја злоупотребува загриженоста поврзана со нуклеарното оружје – загриженост што самата таа повеќепати ја поттикнуваше со неодговорни изјави – рече тој.
Тој додаде дека целта на ваквите тврдења е да се создаде раздор меѓу НАТО и Европската Унија, да се наруши позицијата на Германија како еден од најголемите поддржувачи на Украина и да се поттикнат стравувања од нова нуклеарна трка.
Мајер посочи дека наводите се дел од руска кампања за дезинформации во период пред важни регионални избори во Германија.
– Фактот што токму Германија е цел на вакви дезинформации веројатно е поврзан и со нашата внатрешнополитичка ситуација пред изборите – рече германскиот владин претставник.
Германската влада повтори дека земјата нема намера да развива сопствено национално нуклеарно оружје.
