Најмоќната економија во Европа губи од неинвентивно водената монетарна политика и незауздената инфлација, објавува Нова Македонија и анализа како германската економија ќе се одрази врз Македонија.

Послабата економска активност во Германија, која беше регистрирана од почетокот на годината, може да продолжи и во следните месеци, а може да се пренесе и на другите земји што се најголеми нејзини трговски партнери. Лошите резултати на германската економија како последица на високата инфлација, несоодветната монетарна политика и растот на каматните стапки донесоа незадоволителни стопански резултати. Тоа е директно поврзано и со падот на потрошувачката на германските домаќинства, при што се намали и куповната моќ на просечното германско домаќинство. Германија повеќе квартални пресметковни периоди се „мачеше“ со одржување на националната економија, која по почетокот на енергетската криза се соочуваше со големи проблеми. Најголемата економска сила во Европската Унија, во првите три месеци од годинава оствари негативен економски раст од 0,3 отсто, додека економијата на ЕУ се наоѓа блиску до рецесискиот праг, со минимален раст од 0,1 отсто.

Ваквиот пад за германската економија следуваше по намалување од 0,5 отсто во четвртиот квартал во 2022 година, со што по два последователни квартали со негативен тренд, земјата влезе во т.н. техничка рецесија. Потрошувачката на домаќинствата е намалена за 1,2 отсто на квартално ниво, а државната потрошувачка е намалена за 4,9 отсто. Растот на инвестициите во првите три месеци годинава од 3,2 отсто не успеа да го надомести инвестицискиот јаз од претходниот квартал. Економските аналитичари отворено се сомневаат во тоа дали германската економија ќе може да се врати на своите патеки или рецесијата ќе продолжи до крајот на годинава. Меѓутоа, упорното водење на монетарната политика со раст на каматните стапки, како и забавувањето на американската економија, одат повеќе во прилог на тоа дека ќе продолжи анемичноста на економска активност во Германија.

– Слабата активност во индустриското производство и малопродажбата предизвикуваат загриженост дека најголемата економска економија ќе влезе во долга рецесија – заклучува „Фајненшел тајмс“.

За кочење на економијата придонесува и наглото зголемување на каматните стапки, поради политиките на Европската централна банка

Повеќемина аналитичари очекуваат дека Германија годинава ќе оствари слаб раст. Германскиот совет на економски експерти неодамна прогнозираше раст на БДП годинава од 0,2 отсто, но постои загриженост дека земјата ќе остане заглавена во стагфлација. Потрошувачите во Германија се погодени од високата инфлација и растот на трошоците за кредитите, кои ја поткопаа финансиската основа на граѓаните, а тоа влијаеше на пад во малопродажбата од 8,6 отсто во март во однос на истиот месец пред една година. Влегувањето на Германија во рецесија е сериозен удар и за европската економија, а ревидираните податоци можат да покажат дека и еврозоната во целина исто така ќе забележи пад, пренесуваат новинарските агенции. Агенцијата за статистика на Европската Унија проценува дека растот на годишно ниво ќе изнесува 0,3 отсто, по падот од 0,2 отсто во последниот квартал од минатата година. Германската централна банка, Бундесбанк, очекува националната економија да оствари раст во периодот од април до јуни, така што побарувачката во индустријата ќе го покрие падот во личната потрошувачка. Предвидувањата на ММФ се дека Германија годинава ќе биде економски најслаба од напредните економии во светот.

– Работите изгледаат мрачно за втората половина од годината. Тогаш ќе исчезнат амортизирачките ефекти во индустријата. Веќе нема да има компензација за очекуваната слаба приватна потрошувачка, која ќе продолжи, како и за кризата на градежна индустрија – предвидува главниот економист во ВП банк, Томас Гицел.

За кочење на економијата придонесува и наглото зголемување на каматните стапки, поради политиката на Европската централна банка, која на тој начин се обидува да ја стави под контрола високата инфлација. Во средата, шефицата на ЕЦБ, Кристин Лагард, објави дека има намера да продолжи на овој курс. Затоа што, како што нагласи, примарна задача на централната банка е навремено да ја постигне целта за инфлација од два процента, а со тоа и ценовна стабилност.
Наспроти тоа, Џозеф Стиглиц, добитник на Нобеловата награда за економија, професор на универзитетот „Колумбија“ и главен економист на институтот „Рузвелт“, вели дека она што него го загрижува е тоа што сета оваа кризна состојба е влошена од страна на несоодветното водење на монетарните политики.

– Да бидам искрен, зголемувањето на каматните стапки ќе предизвика забавување на економијата и зголемување на невработеноста. Затоа, тоа (зголемување на каматните стапки) нема да биде вистинската политика за справување со инфлацијата со која се соочуваме – тврди Џозеф Стиглиц.

Новата директорка на Германската стопанска комора (АХК) во Македонија, Антје Ванделт, со пооптимистички пораки до македонската јавност

Новата директорка на Германската стопанска комора (АХК) во Македонија, Антје Ванделт, вчера на средба со македонските медиуми изјави дека „рецесијата во Германија нема да влијае негативно на трговската размена со Македонија и воопшто на македонската економија“, која, како што нагласи таа, „е екстремно зависна од германската“.

– Во Германија имаме пад на личната потрошувачка поради инфлацијата. Цените за греење беа многу високи во изминатиот период и тоа значеше дека помалку ќе се троши за други работи. Во следниот период сметките за струја и гас нема да бидат високи и потрошувачката повторно ќе се придвижи – вели Ванделт.

Во однос на идните економски односи меѓу Македонија и Германија нејзиниот став е дека нашата земја „нуди интересен потенцијал, особено во контекст на тековното преструктурирање на синџирите на доставувачи кај германските компании купувачи и трендот кон сѐ поголемо доближување на компаниите доставувачи до Германија“.
Неповолната економска клима во Европската Унија и пред сѐ во Германија се одрази и на работата на македонските транспортни компании. Од почетокот на годинава има намален обем на транспорт на стоки кај товарниот патен превоз, кај железничкиот и воздушниот сообраќај. Намалувањата во камионскиот превоз на стоки во првите три месеци од годинава се за 15 отсто, а се должат токму на намалениот обем на работа за компаниите што работат со компании од земјите во ЕУ. М.Ј.