Експерти на германската Сојузна служба за криминалистика деновиве ќе пристигнат во Северна Македонија за да ја помогнат истрагата околу несреќата во Тетово која однесе 14 човечки животи.
Владата уште на вонредната седница во четвртокот најави дека ќе повика странски експерти за истражување на причините на пожарот во модуларната болница во Тетово.
Утрово била потврдена поддршката од НАТО сојузникот Германија, која прифатила во земјава да испрати стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи.
Експертскиот тим е дел од Бундескриминаламт или Сојузната криминалистичка полиција (БКА) чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој. БКА е со висока експертиза во поддршката при истраги, особено во делот на форензички науки, ДНК анализи, електронски истраги и идентификација.
БКА е меѓу најголемите светски организации за форензички истраги со околу 7.000 вработени. Формирана е во 1951 година, со седишта во Визбаден, Мекенхајм кај Бон и Берлин.