Големо мнозинство од германските граѓани повеќе не го сметаат Фридрих Мерц за вистинскиот човек за канцеларската функција. Неговата поддршка е ниска и меѓу симпатизерите на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), покажуваат резултатите од анкета објавена денеска.
На прашањето „Дали Фридрих Мерц е сè уште вистинскиот канцелар?“, негативно одговориле 78 отсто од учесниците во онлајн-анкетата што институтот за истражување на јавното мислење „Инса“ ја спровел за весникот „Билд“. Само 14 отсто од испитаниците одговориле потврдно, додека осум отсто немале став.
Според извештајот, поддршката за Мерц бележи постојан пад од средината на минатата година, кога повеќе од 30 отсто од испитаниците сè уште биле задоволни од неговата работа.
Мерц е лидер на ЦДУ, која е во коалиција со нејзината баварска сестринска партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), и со Социјалдемократската партија (СПД). Сепак, неговиот рејтинг е низок и меѓу сопственото гласачко тело.
Од анкетираните симпатизери на ЦДУ, 58 отсто изјавиле дека Мерц не е вистинскиот човек за канцеларската функција, додека 36 отсто ја поддржале неговата работа.
Колидерот на СПД, Ларс Клингбајл, исто така не добил високи оценки од испитаниците, иако остварил нешто подобар резултат од Мерц. На прашањето дали Клингбајл сè уште е вистинскиот лидер на СПД, 51 отсто одговориле негативно, 24 отсто позитивно, а 25 отсто не дале одговор.
Анкетата го испитувала и односот на граѓаните кон крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД). Резултатите покажале намалена поддршка за таканаречената „заштитна ограда“ – политички принцип според кој традиционалните партии одбиваат каква било соработка со АфД.
Речиси секој втор испитаник, односно 46 отсто, смета дека „заштитната ограда“ повеќе не е соодветна политика. Овој принцип сè уште го поддржуваат 34 отсто од анкетираните, додека 20 отсто се изјасниле како неопределени.
