Евроамбасадорот додаде дека по завршувањето на мисијата оваа недела, експертскиот тим ќе се врати во Брисел, а наскоро потоа се очекува да бидат објавени резултатите и препораките за работата на Судскиот совет во земјава
Оценската мисија на Европската Унија (ЕУ) за работата на Судскиот совет ќе заврши во текот на оваа седмица, најави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, откако беше прашан кога може да се очекуваат резултати од оваа советодавна група која во земјава беше пратена по низата превирања во Судскиот совет.
Евроамбасадорот додаде дека по завршувањето на мисијата оваа недела, експертскиот тим ќе се врати во Брисел, а наскоро потоа се очекува да бидат објавени резултатите и препораките за работата на Судскиот совет.
„Мисијата ќе завши во текот на оваа седмица, потоа тие ќе се вратат во Брисел и за своите наоди ќе дискутираат со Комисијата. Не можам да дададм точен датум кога тие препораки ќе излезат во јавноста, меѓутоа тие ја разбираат потребата ваквите препораки да се дадат брзо“,
рече Гир одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на новиот проект финансиран од Европската унија „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
Оценската мисија што ЕУ ја испрати во земјава кон крајот на јули годинава се фокусира на работата на Судскиот совет кој последниве неколку месеци беше во центарот на вниманието на јавноста поради низата скандали и превирања во ова тело. Се работи за советодавна група која треба да помогне во изнаоѓање на начините на кои ЕУ може да одговори на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста на Судскиот совет, за ова тело да може во иднина да ја врши својата работа во духот на овие вредности.