Две лица се повредени во големиот пожар што од четвртокот вечерта беснее на хрватскиот остров Брач, а едното од нив е во животна опасност. Огнот уништил неколку куќи во туристичкиот комплекс „Гава“, возила и повеќе од 3.500 хектари борова шума, ниска вегетација и трева. Пожарот сè уште не е целосно ставен под контрола, но надлежните велат дека состојбата на теренот е посмирена.

Според последните информации, 76-годишна жена е хоспитализирана на Одделението за интензивна нега на Клиниката за белодробни заболувања при Клиничкиот болнички центар во Сплит. Лекарите за агенцијата Хина соопштиле дека таа се наоѓа во животна опасност.

Неофицијално, жената паднала од брод за време на евакуацијата и за малку не се удавила. Од Брач досега се евакуирани неколку стотици луѓе.

Повреден е и 27-годишен маж, кој добил респираторни проблеми по изложувањето на чад. По укажаната медицинска помош и извршениот преглед, тој бил пуштен на домашно лекување.

Командантот на Оперативната зона Брач, Никола Мартиниќ Драган, за Хина изјави дека состојбата околу пладне била задоволителна и дека пожарникарите речиси целосно го контролирале пожарниот фронт. Значајна помош им обезбедиле и воздухопловните сили, кои дејствувале на пожариштето од раните утрински часови.

„На терен има повеќе од 280 пожарникари и 66 возила од целото крајбрежје, а дел и од континенталниот дел. Се работи интензивно. Иако сè уште дува ветер, мислам дека имаме големи шанси до крајот на денот целосно да го ставиме пожарот под контрола. Сепак, треба да почекаме и да видиме какво ќе биде времето попладне“, изјави Мартиниќ Драган.

Тој потврди дека се повредени две лица, од кои едното потешко, додека другите проблеми главно биле респираторни. Повредените се цивили, а меѓу пожарникарите нема повредени.

При гаснењето, како што објасни, приоритет биле гостите и вработените во комплексот „Гава“, кои останале заробени во огнената стихија. Мартиниќ Драган им се заблагодари на граѓаните за поддршката што им ја даваат на пожарникарите и апелираше да не се шири паника и да не им се верува на неофицијални информации, туку да се следат официјалните канали.

Главниот пожарникарски командант на Хрватска, Славко Тукаковиќ, за Хина изјави дека состојбата на теренот е помирна, но дека на неколку места и натаму има чад. Во гаснењето во моментов учествуваат два канадери.

Тукаковиќ оцени дека исклучително сувата вегетација е главната причина за брзото ширење на пожарите кај Омиш и на островот Брач.

„Пожарот кај Омиш беше многу посилен и поразорен и се разви за кратко време, додека на Брач веќе со денови ветерот ја менува насоката и, зависно од тоа како се движи, пали нови подрачја. На брзото развивање и ширење на пожарот особено му одговара сувата вегетација. Оваа година е специфична поради сувоста на вегетацијата и брзото, нагло ширење на пожарите под влијание на ветерот. Тоа е она што нè предупредува за иднината“, рече Тукаковиќ.

Тој додаде дека на Брач имале сопствена цистерна со капацитет од 33.000 литри вода, додека уште една цистерна се наоѓа на подрачјето на Макарска. На пожариштето досега биле сменети три екипи пожарникари.

Градоначалничката на Супетар, Ивана Марковиќ, за Хина изјави дека странските туристи кои престојувале во приватно сместување во Осибова биле згрижени во спортската сала. Таму се сместени 45 лица, главно државјани на Унгарија, а обезбедени им се и топли оброци. Меѓу нив нема повредени.

„Им благодарам на сите. Сè е одлично организирано, секој си го работи својот дел од работата и заслужуваат пофалба сите началници од островот кои цела ноќ бдееја за сè да биде направено како што треба. Туристите од ‘Гава’ биле во приватно сместување во Осибова, Постира и Бол, а во меѓувреме хотелската компанија во чија сопственост е ‘Гава’ презеде обврска да го реши нивното сместување“, изјави Марковиќ.