Повеќе од еден милион користени мобилни телефони биле продавани преку интернет како нови во голема измамничка шема што предизвикала штета од околу 300 милиони евра. Во рамките на меѓународната операција „Троја“ биле извршени повеќе од 160 претреси во 19 европски земји и биле уапсени седум осомничени, соопшти Канцеларијата на европскиот јавен обвинител – EPPO.
Осомничените биле уапсени во Австрија, Германија и Шпанија, а меѓу нив се и двајца наводни водачи на криминалната организација. Претресите започнале во саботата, додека информациите за резултатите од акцијата биле објавени во вторникот.
Според Европското обвинителство, криминалните организации продавале користени мобилни телефони претставувајќи ги како нови уреди. Се верува дека од 2018 година на потрошувачите во Европската Унија им биле продадени повеќе од еден милион вакви телефони.
Истражителите утврдиле дека уредите биле склопувани во Хонгконг и Обединетите Арапски Емирати од веќе користени компоненти. Потоа телефоните биле чистени и спакувани, по што биле испраќани во Холандија.
Од Холандија уредите биле транспортирани во магацини во Германија, а потоа преку интернет биле нудени на потрошувачите во Европската Унија како нови мобилни телефони.
Осомничените се товарат и за даночно затајување преку мрежа од фиктивни компании регистрирани во земји членки на ЕУ и во Швајцарија. Според EPPO, со шемата било избегнато плаќањето повеќе од 30 милиони евра данок на додадена вредност во неколку земји.
Од вкупната сума, најмалку 25 милиони евра се однесуваат на неплатен ДДВ во Германија.
Германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија била централна точка на операцијата. Во индустриска зона во градот Крефелд бил претресен магацин во кој, според германската новинска агенција ДПА, биле складирани меѓу 10.000 и 15.000 мобилни телефони.
Во меѓународната операција учествувале вкупно 1.770 даночни, царински и полициски истражители, соопшти Европското обвинителство.
Претресите биле извршени во Германија, Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Естонија, Финска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Шпанија, Швајцарија и Холандија. Во рамките на истрагата бил испрашан и еден сведок во Велика Британија.
За време на акцијата било запленето големо количество дигитални и физички докази, информираше EPPO.
Собраните докази покажуваат дека фиктивни компании регистрирани во Австрија, Бугарија, Германија, Холандија и Швајцарија од 2018 година лажно ја применувале шемата за пресметување ДДВ на маржата, со цел незаконски да го зголемат својот профит.
Користените мобилни телефони се продавале според таканаречената шема за маржа и на крајните потрошувачи и меѓу фиктивните компании.
Според овој даночен модел, препродавачот плаќа ДДВ само на остварената маржа, односно на разликата меѓу цената по која ја набавил стоката и цената по која ја продал. Меѓутоа, оваа шема може да се применува само за препродадена стока за која претходно веќе бил платен ДДВ.
Бидејќи телефоните во конкретниот случај биле претставувани и продавани како нови, данокот на додадена вредност требало да биде пресметан врз нивната целосна продажна цена.
Според истрагата, со шемата биле измамени потрошувачи низ целата Европска Унија. Истовремено биле предизвикани загуби од ДДВ во секоја држава во која користените мобилни телефони биле продавани како нови.
