Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со екипите на јавните претпријатија и надлежните служби, е мобилизиран по силното невреме што го зафати главниот град, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека сите расположливи капацитети се ставени во функција со цел заштита на граѓаните и спречување на поголеми штети и последици.
„Поради силното невреме што пред малку го зафати Скопје, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со сите надлежни служби и јавни претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза и навремена интервенција“, напиша Ѓорѓиевски.
Градоначалникот информираше дека Градот е во постојана координација со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и останатите надлежни институции.
„Екипите на Град Скопје ќе останат на терен и во текот на целата ноќ и ќе интервенираат на секоја локација каде што ќе има потреба“, посочи Ѓорѓиевски.
Тој ги повика граѓаните на кои им е потребна помош или сакаат да пријават штета и итна состојба да се јават на телефонските броеви 112 и +389 78 207 687.
Ѓорѓиевски апелираше до скопјани да бидат внимателни и смирени, да ги следат препораките на надлежните институции и да соработуваат со екипите кои се на терен.
„Службите се мобилизирани. Екипите се на терен. Граѓаните не се сами“, порача градоначалникот.
