Во пресрет на утрешниот празник Рождество на Пресвета Богородица, заштитничката на Скопје, вечерва во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ се одржа вечерна богослужба. По завршувањето на богослужбата, верниците учествуваа во свечена литија со иконата на Пресвета Богородица Троеручица, која помина низ централниот дел на градот.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на својот Фејсбук профил изрази надеж дека скопјани, обединети во верата, го пречекуваат овој значаен празник. „Обединети во верата и надежта, со заедничка молитва за здравје, мир и благосостојба, го пречекуваме овој голем празник. Силата на Скопје е во неговите луѓе, во добрината и во подадената рака“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој упати и празнична порака до граѓаните, посакувајќи им спокој во домовите и поттикнувајќи ги на поголема блискост и слога. „Нека Мајката Божја ги закрие нашите деца, донесе спокој во секој дом и нè поттикне да бидеме поблиски и посложни. За многу години, скопјани! Нека ни биде благословен градот!“, додаде градоначалникот.

Утре, на денот на празникот, ќе биде отслужена утрена богослужба со почеток во 07:30 часот, а потоа и света литургија во 09:00 часот. Братството при храмот ги повикува верниците и сите луѓе со добра волја да учествуваат во торжественото прославување на празникот, кој е еден од дванаесетте големи празници во Православната црква, посветен на Мајката Божја.