Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш пристигна на египетскиот граничен премин Рафа со Газа каде што повика да се дозволи влез во Газа на камионите со хуманитарта помош.
– Активно се ангажираме со сите страни со цел да ги разјасниме овие ограничувања за да можат овие камиони да се движат таму каде што се потребни. Потребно ни е овие камиони да се придвижат што е можно поскоро, рече Гутереш.
Тој рече дека видел „толку камиони натоварени со вода, гориво, лекови, храна“, додавајќи дека овие камиони би биле „спас“ и „разликата меѓу животот и смртта за толку многу луѓе во Газа“.
– Имаме два милиони луѓе овде кои премногу страдаат. Нема вода, нема храна, нема лекови, нема гориво. На Газа и треба сè за да преживее, нагласи тој.
Шефот на ОН рече дека камионите со хуманитарна помош се натоварени и подготвени.
– Овие камиони се спас. Тие се разликата помеѓу животот или смртта за толку многу луѓе, рече Гутереш.