Израел и Хамас го намалија јазот во преговорите, но за договор ќе биде потребно повеќе време. Остануваат разликите околу решението за траен крај на војната во Газа. САД потврдија дека разговорите се трезвени и сериозни.
„Не можам да ги потврдам конкретните извештаи кои ги пишува во медиумите, но дискусиите се трезвени и сериозни во обид да постигнеме уште еден договор за заложниците“, изјави Џон Кирби – портпарол наСоветот за Национална безбедност.
Тел Авив останува на ставот – војната ќе продолжи до целосна победа против Хамас.
„Ова е војна за нашиот дом и ќе заврши со искоренување на агресијата и злото на новите нацисти. Ако израел не победи – вие ќе бидете следните. Опасноста сигурно ќе дојде“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Меѓународната заедница го зголемува притисокот за решение со две држави. Отфрлањето од страна на Израел го загрозува глобалниот мир – тврди генералниот секретар на ООН.
„Отфрлањето од израелската влада е неприфатливо. Тоа би го продолжило конфликтот кој стана главна закана за глобалниот мир и безбедност“, изјави Антонио Гутереш – генерален секретар на Обединетите нации.
Шефот на британската дипломатија, Камерон повторно во посета на Блискиот Исток. Борбите се разгоруваат. Израелската одбрана го зголемува притисокот врз Хамас.
„Мораме да дејствуваме на теренот насекаде во Појасот Газа, и од воздух, и на копно бидејќи нема друг начин да се уништат тунелите освен да бидеме на земја“, изјави Даниел Хагари – портпарол наизраелската одбрана.
Продолжува и размената на оган со Хезболах во јужен Либан. Истовремено се зголемуваат и напади на Хутите во Црвено Море, но и одговорот на САД во Јемен, Ирак и Сирија.
Извор: МРТ