Новиот дигитален систем за контрола на границите на Европската Унија создаде долги редици на повеќе европски аеродроми, при што дел од патниците пријавуваат дека чекале со часови на пасошка контрола и поради тоа ги пропуштиле своите летови. Авиокомпанијата „Рајанер“ веќе ги предупреди патниците кои летово патуваат кон Европа да сметаат на подолги задржувања.
Според Би-Би-Си, директорот на главниот аеродром во Рим изјавил дека новиот Систем за влез и излез (EES) речиси тројно го зголемил времето што им е потребно на британските патници да ја минат пасошката контрола, и покрај тоа што системот веќе бил технички надграден.
Во меѓувреме, граничната полиција на аеродромот Фаро во Португалија призна дека системот има технички проблеми, но уверува дека редиците постепено се намалуваат. Од Европската комисија соопштија дека прекините на повеќето аеродроми во ЕУ се ограничени и дека ќе продолжат да им помагаат на земјите-членки во процесот на воведување на новиот систем.
Новата процедура носи подолги проверки
Дигиталниот систем за влез и излез (EES) предвидува сите патници од земји што не се членки на Европската Унија, при влез во Шенген-зоната, да регистрираат отпечатоци од прсти и фотографија. Истите податоци повторно се проверуваат при излез од Шенген-зоната.
Регистрацијата најчесто се врши преку автоматизирани киосци, а во одредени случаи, како кај деца помлади од 12 години, проверките ги вршат гранични службеници. Новиот систем постепено се воведува од октомври.
Изминатите денови на повеќе европски аеродроми се формираа долги колони на пасошката контрола, а дел од патниците сведочат дека поради чекањето не успеале навреме да се качат на летовите за враќање дома.
„Рајанер“ оваа недела оцени дека „неуспешното воведување на ЕЕС системот“ довело до непотребни доцнења и ги повика патниците од Обединетото Кралство да планираат дополнително време за патување и да бидат подготвени за подолго чекање.
Патниците сведочат за часови чекање
Во Рим, една од најпосетуваните туристички дестинации во Европа, голем број туристи за Би-Би-Си раскажале дека имале проблеми при влезот во земјата.
Карл, кој патувал од Јоркшир со семејството, изјавил дека чекале околу два часа од слетувањето до завршувањето на пасошката контрола.
„Знаев дека ќе биде лошо, но не очекував дека ќе биде толку лошо“, рекол тој.
Дејвид, кој пристигнал од Соединетите Американски Држави со сопругата Марло, изјавил дека чекале околу еден час, поради што го пропуштиле однапред договорениот превоз од аеродромот.
Патници кои слетале во Барселона, а потоа отпатувале за Рим со крстосувач, исто така пријавиле долги задржувања. Бари од Бракнел изјавил дека проверката траела околу 45 до 50 минути бидејќи дел од уредите не функционирале, додека неговата пријателка Сара рекла дека пасошката контрола траела речиси колку и самиот лет.
Аеродромот во Рим бара промени
На аеродромот Фјумичино во Рим се покажало дека голем број патници тешко ги користат самопослужните киосци, иако за нивната набавка биле потрошени околу 12 милиони евра.
Во моментов, британските државјани можат да ги регистрираат отпечатоците и фотографијата преку електронските пасошки порти, наместо на посебните киосци. Исклучок се децата помлади од 12 години, кои задолжително минуваат проверка кај граничен службеник.
Директорот за воздушен сообраќај на аеродромот, Иван Басато, изјавил дека интеграцијата со електронските порти значително ја подобрила ситуацијата, но дека процесот и натаму трае многу подолго од порано.
Според него, времето потребно британските патници да ја поминат граничната контрола се зголемило од околу седум на приближно 20 минути.
„Сè уште не сме го достигнале квалитетот на процесот што го имавме пред воведувањето на системот ЕЕС“, изјавил Басато, оценувајќи дека е неприфатливо патниците да чекаат по еден или два часа.
Тој смета дека е неопходно итно да се отстранат недостатоците на системот и да се поедностават процедурите, а како решение предлага поголем број држави да ја користат европската апликација за претходна регистрација на патници, која засега е активна само во Шведска и Португалија.
Воедно, аеродромите и авиокомпаниите побарале од Европската комисија земјите да можат превентивно да ја суспендираат примената на ЕЕС во периоди кога се очекува голем број патници. Сепак, на неодамнешниот состанок за ова прашање не биле донесени никакви измени.
Покрај Италија, и во Португалија патници пријавиле значителни доцнења поврзани со функционирањето на новиот европски систем за гранична контрола.
