Жртвите на „Аушвиц – Беркенау“, „Треблинка“ и многу други логори на смртта (за време на Втората светска војна) не смеат да бидат залудни. Тие невини еврејски животи нека бидат залог за подобар живот на луѓето во целиот свет. Сите луѓе во светот имаат право да живеат во мир. Никогаш и никаде да не се повтори. Можеме да простиме, но не и да заборавиме. Слава им. Ова денеска го порача претседателот на еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви.
На настанот што се одржа пред споменикот на депортираните Евреи во кругот на Тутунскиот комбинат во Скопје, поранешниот Монопол, каде што утрото на 11 март 1943 година 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип биле собрани, за по неколку дена организирано со возови да бидат однесени и погубени во гасните комори на „Треблинка“.
Покрај Леви, на комеморацијата говореа и техничкиот премиер Талат Џафери и амбасадорката на Израел во земјава, Симона Франкел. Почит оддадоа и претседателот на дрвата Стево Пендаровски и многубројни делегации, домашни и странски, кои положија свежи венци цвеќе пред споменикот.
„Таа загуба во колективната меморија на македонскиот народ никогаш нема да биде заборавена како најгрозоморниот чин што се случи на овие простори. Логорот ’Треблинка’ во окупирана Полска остана нем сведок на трагедијата на македонските Евреи каде што на најбрутален начин се убиени 98 отсто од еврејската популација во Македонија“, рече Пепо Леви.
Говорејќи за ужасот на холокаустот, тој рече дека, иако лекцијата од него ја увеземе со години, очигледно е дека не сме ја научиле баша најдобро. За тоа, како што посочи, говорат локалните војни што се водат низ целиот свет и стотиците илјади раселени лица, осврнувајќи се овој контекст на војната во Украина.
„За тоа зборува веќе третата година од руско-украинската војна и милионите луѓе вклучени во страдањата на безумната војна која пак ќе мора да заврши на преговарачка маса, ако светот не сака во ова безумно лудило да се врати илјадници години назад уништувајќи се во една сеопшта нуклеарна војна“, рече Леви.
Тој се осврна и на терористичкиот напад на Хамас на Израел на 7 октомври минатата година, по кој, додаде, сè уште има 140 заложници кои Хамас ги држи во тунелите во Газа.
„За жал, скапа е цената на одбраната од безумните терористички банди. Тоа безумие мора да заврши, а заложниците од казаматите на Хамас мора да бидат ослободени. Да, денеска ја плаќаме цената на ненаучената лекција од Втората светска војна, но искрено се надевам дека развиената Европа и остатокот од Земјината топка нема да дозволат прелевање на конфликтот и во останатиот дел од светот. Ние овде во Македонија ја покажавме својата зрелост не дозволувајќи да се наруши нашиот соживот и заемната почит, почитувајќи ги верските разлики како национално богатство“, рече Леви, кој додаде дека треба уште повеќе да се работи на заедништвото и соживотот и дека во тој сегмент есенцијална е едукацијата на младите.
Извор: 360 степени