Харалд Копиц (57) денеска се изјасни за виновен за убиството на своите три деца.
Судењето на Копиц започнало зад затворени врати денеска во Жупанискиот суд во Загреб под обвинение дека во септември минатата година ги убил своите три деца во станот.
Во 14 часот судот соопшти дека Копиц е осуден на 50 години затвор, што е максимална затворска казна во Хрватска. За смртта на секое дете поединечно му биле дадени 27 години. Петчлениот судски совет на чело со судијката Ива Градишка Ловречек ја донесе пресудата за еден ден.
Судењето беше затворено за јавноста. Судијката Ива Градишки Ловречек ја донесе одлуката судењето за Копиц да не се одржува јавно со согласност на обвинетиот, неговата одбрана и обвинителството со цел да се заштити достоинството на починатите деца и нивната мајка. Копиц претходно бил донесен на суд од затвор со лисици на рацете, а судницата била испразнета пред да ја признае вината.
Тој е обвинет за три тешки убиства, за кои е предвидена казна затвор до 50 години. Обвинителството го товари Копиц дека на 24 септември 2021 година околу 22 часот во стан во загрепската населба Млинови, каде што престојувал со своите три деца, од кои две на седум и едно на четири години, „со умисла да ги убие ги сторил горенаведените прекршоци“.
Истражителите, потсетуваме, најпрвин верувале дека Копиц ги задушил децата, но подоцна било утврдено дека прво ги зашеметувал децата со таблети, а потоа ги задушил. Прво ги туширал децата, а потоа во топло какао ставил 30 таблети дијазепам, кои децата го испиле.
Медиумите пишувале дека Копиц живеел и работел во Загреб каде имал свои фирми и дека работел во неколку големи компании како финансиски консултант и преговарач. Мајката на убиените деца работела во хотел во Дубровник, а децата викендот биле со татко им.
Со вештачење спроведено во болницата за лица лишени од слобода е утврдено дека Копиц бил ментално здрав во моментот на делото.
Копиц се обидел да се самоубие откако ги убил децата. По монструозното злосторство, тој е префрлен во Психијатриската болница Врапче, а потоа во затвор. Тврдел дека му е тешко и дека му е жал што се уште е жив. Тој рече дека неговата кирија била истечена и дека немал каде да оди. Тоа го навел како мотив за незапаметеното злосторство.
Копиц рече дека затоа решил да си го одземе животот, а претходно и децата, за „да не биде сам, туку децата да бидат со него кога ќе умре“.