Хрватска повторно ја повика Црна Гора да го интензивира дијалогот и да го забрза решавањето на билатералните прашања, оценувајќи дека тие треба да бидат затворени пред завршувањето на пристапниот процес кон Европската Унија.
Меѓу прашањата на кои Загреб инсистира се обештетување на поранешните затвореници од логорите, продолжување на потрагата по 14 исчезнати лица од периодот на Војната за независност, процесирање на одговорните за воени злосторства, решавање на имотните барања на хрватските семејства во Црна Гора, зачувување на спомен-плочата на местото на поранешниот логор Морин, продолжување на разговорите за поморската граница и враќање на бродот за обука „Јадран“.
„Остануваат само неколку месеци до крајот на 2026 година, па уште еднаш ја повикуваме црногорската страна да се вклучи во конструктивен дијалог и да ја забрза работата на отворените прашања“, наведоа од хрватското Министерство.
Црна Гора во моментов се смета за најнапредната земја кандидат за членство во Европската Унија. Властите во Подгорица очекуваат државата да стане полноправна членка на Унијата во 2028 година.
Досега земјата привремено затворила 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја. Европската Унија веќе даде зелено светло за подготовка на нацрт-договорот за пристапување, што претставува последна фаза од преговорите. Воедно, Европската комисија усвои финансиска рамка за Црна Гора во вредност од речиси 3,2 милијарди евра, врз основа на очекувањата дека земјата би можела да стане членка на ЕУ во 2028 година.
Од Загреб нагласуваат дека не сакаат билатералните прашања да останат трајна пречка во процесот на проширување, но сметаат дека тие мора да бидат решени пред неговото завршување.
„Европската Унија е јасна дека не може и не сака да воведува билатерални спорови во процесот на проширување“, порачаа од Хрватска, додавајќи дека спорните прашања треба што поскоро да бидат надминати.
Овој став доаѓа во период кога Црна Гора се надева дека ќе стане првата нова членка на Европската Унија од Западен Балкан по пристапувањето на Хрватска во 2013 година.
