Според денешната одлука на Владата на Албин Курти, семејните и матурските веселби ќе можат да траат до 23 часот, додека музиката ќе треба да престане најдоцна 15 минути пред тоа, односно до 22:45.
Предвидени се ограничувања и во однос на бројот на присутни на прославите и веселбите, согласно капацитетите на просториите во кои тие ќе се одржуваат.
– Организирањето на свадби, веридби, семејни веселби и на матурските вечери е дозволено под услов да се користат 30 отсто од просторните капацитети (30 лица на 100 метри квадратни), но не повеќе од 200 поканети во случај кога 30 отсто од капацитетот ја надминува таа бројка. Растојанието меѓу масите треба да изнесува три метри, се вели во соопштението по владината седница.
Останатите мерки, во однос на работното време на угостителството и другите бизниси, движењето на граѓаните и влезот на странски државјани и патници во Косово, остануваат исти како и досега. Тоа, меѓу другото, значи дека нема ограничувања на движењето, додека државјаните на Република Северна Македонија, како и на другите држави од регионот, при влез во Косово не треба да приложуваат негативен ПЦР-тест или друг вид здравствена потврда.
Во Косово последните неколку недели се забележува видно намалување на бројот на новозаболени од Ковид-19, како и на смртни случаи како последица на пандемијата. Изминатите 48 часа, според податоците на здравствените власти, во земјата се регистрирани вкупно 20 нови случаи на заразени (од околу 4.000 извршени тестирања), а починале две лица, со што вкупната бројка на жртви на пандемијата достигна до 2.253. Официјално, бројот на активни носители на коронавирусот во Косово моментно изнесува 165.