Во организација на Министерството за спорт и европските партнери на проектот ELEVATE-SS, во Скопје денеска се одржува форумот насловен како „EVERY FAN MATTERS“. Настанот е целосно посветен на унапредувањето на пристапноста и инклузијата во спортот, со посебен фокус насочен кон фудбалот и искуството на навивачите со попреченост.

Министерот за спорт Борко Ристовски во своето обраќање пред присутните ја истакна силната институционална заложба за обезбедување соодветни услови за навивачите со попреченост на спортските терени.

„Проектот е насочен кон унапредување на инклузивноста во спортот со посебен акцент на создавање услови секој навивач да биде дел од спортските настани. Наша заложба е спорот да биде достапен за сите. Пристапноста на спортските објекти не подразбира само обезбедување соодветна инфраструктура, туку и создавање услови секој навивач без оглед на своите способности да може, самостојно, безбедно и достоинствено да присуствува на натпреварите. Преку проектот работиме на развој на современа, интерактивна и повеќејазична програма за обука на персоналот на стадионите. Обуките ќе овозможат персоналот на спортски објекти практично да научи како да постапува со навивачите со различни видови попреченост, обезбедувајќи поддршка, комуникација. Секој човек има право да ужива во спортот, да навива за својот тим и да биде дел од спортската заедница. Наша цел е да создадеме спортска средина во која различностите се почитуваат, еднаквоста се практикува, а пристапноста станува стварност“, рече Ристовски.

На форумот земаат учество претставници на проектните партнери, фудбалски клубови, лиги, национални спортски федерации, јавни институции, организации на лица со попреченост, експерти за технологија, како и сите заинтересирани страни за развој на подостапна и поинклузивна спортска средина.

Во рамките на предвидената работна програма, со значајни придонеси од партнерите CampusAI и LTT Sports, ќе бидат претставени современи пристапи и технолошки решенија за подобрување на севкупното искуство на навивачите со попреченост. Презентациите опфаќаат теми од пристапот до билети, превозот и безбедносните процедури, па сè до пристапноста на трибините, угостителските услуги, постапувањето во итни ситуации и безбедното напуштање на спортскиот стадион.

Посебен акцент за време на форумот ќе биде ставен на примената на вештачката интелигенција, дигиталното учење и интерактивните аватари, кои активно се развиваат во рамките на проектот ELEVATE-SS како современи алатки за обука на редарите, безбедносниот персонал, службите за продажба на билети и персоналот задолжен за угостителски услуги на спортските објекти.

На самиот настан ќе бидат споделени и директни лични искуства и сведоштва на лица со попреченост и спортисти, со јасна цел нивните реални потреби и секојдневни предизвици да бидат поставени во самиот центар на дискусијата. Дополнително, ќе бидат детално презентирани можностите што ги нуди технологијата за лица со попреченост за отстранување на бариерите и создавање подостапни услови за следење спортски натпревари, при што целиот проект ELEVATE-SS е финансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+.