Премиерот истакна дека сите депонии се под контрола и најави мерки за инспекциски надзор и санкции

Во гостувањето во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител ТВ, премиерот Христијан Мицкоски ја оцени брзата реакција на институциите по пожарите на депониите, нагласувајќи дека пожарот во Трубарево, кој експертите предвидуваа дека ќе трае најмалку 7 дена, бил ставен под контрола за помалку од 30 часа.

„Во Трубарево нема чадење уште во текот на вчерашниот ден, а ако одите од првиот ден наназад и направите анализа, тогаш ќе добиете информација од страна на овластени лица за таа цел во којашто тие велеле тогаш дека најмалку ќе ни требаат 7 до 10 дена за да се стави целата работа под контрола, но со организирана активност на институциите заедно со пожарникарите за помалку од 30 часа се стави состојбата под контрола, односно веќе немаше чадење“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека ситуацијата е стабилизирана со слој на земја кој го покрил отпадот и дека параметрите на загадување се далеку од оние кои опозицијата ги презентира како животозагрозувачки. „Ова не го кажувам за да го оправдам пожарот, туку за да внесам мир и спокој кај граѓаните бидејќи тоа што се обидува опозицијата да го направи е да внесе немир, а реалноста е сосема поинаква“, додаде Мицкоски.

За другите депонии, тој истакна:

„Во Вардариште таму имаме агенција која го обезбедува периметарот на депонијата која почната е да се создава веднаш по земјотресот во Скопје, значи тоа е проблем стар повеќе од 5 децении. И конечно останува Дрисла, денеска сум на линија со луѓето кои таму се обидуваат да го решат проблемот и некаде околу 95% е намалено чадењето и очекувам во текот на утрешниот ден и таму да биде решена целосно состојбата. Така што можам да кажам дека со здружена акција на институциите, овие три жаришта се решени иако ниту едно не е надлежност на државата, посебно тука зборувам за Дрисла“.

Одговорност и инспекции

Во однос на одговорноста, премиерот посочи:

„За таа цел околу десетина луѓе од раководната служба на Дрисла се повикани на разговор во СВР Скопје, се анализираат нивните изјави и исто така се очекува во текот на утрешниот ден да дадат искази како кога настануваат пожарите дел од опремата на Дрисла оди на сервис и е неподготвена за предизвиците и како луѓето земаат боледување, а активисти блиски до СДСМ и ДУИ ја посетуваат Дрисла. Така што сето ова во периодот кој следи ќе биде истражено и ако некој мисли дека ќе помине неказнет, тогаш се лаже. Што се однесува за Трубарево таму четири лица се приведени и има притвор, а исто и со приведените за Вардариште за кои е одреден притвор.“

Премиерот додаде дека Министерството за животна средина издалo наредба до инспекторатот за вонредна контрола за сите депонии кои имаат лиценца, за да се утврди дали работат по закон, а за дивите депонии се задолжени општините да ги исчистат.