По обвинувањата на Горан Николоски во емисијата „Претрес со Ландов“ дека неговиот 19-годишен брат Дарко бил тепан од полицајци во Охрид, од МВР соопштија дека преземаат мерки и активности за проверка и расчистување на случајот. Воедно, надлежните тврдат дека во СВР Охрид нема таква пријава за физички напад, ниту пак дека во болница имало прием на лице со повреди од ваков настан.
„Воедно, на 1 ноември 2026 година, од страна на полициски службеници од СВР Охрид била спроведена акциска контрола во угостителски објекти во централното градско подрачје на Охрид, по претходно изготвен план за постапување. При контролата биле извршени прегледи и проверки на идентитет на повеќе лица, меѓу кои и на 19-годишното лице Д.Н. Притоа, при акцијата биле затекнати и малолетници кои консумирале алкохол, како и едно лице кај кое била пронајдена дрога“, соопштуваат од МВР.
Според наводите на МВР, истиот ден во 03:08 часот, на паркинг-простор во Охрид бил приведен неговиот 28-годишен брат Г.Н., поради нарушување на јавниот ред и мир со викање, а потоа и агресивно однесување кон полициските службеници кои вршеле службени дејствија.
Исто така, од полицијата наведуваат дека тој оштетил и инвентар во полициската станица, па по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
„Во однос на претходните настани, на 5 октомври 2026 година во СВР Охрид Б.Д.(22) од едно охридско село пријавил дека на својот приватен профил на социјалната мрежа Инстаграм добил пораки со заканувачка и навредлива содржина, како и дека неговото патничко возило ‘шкода октавија’ било оштетено со црна течност. Во врска со овие два настани, на 6 октомври 2026 година против Д.Н.(19), СВР Охрид до ОЈО Охрид поднесе кривична пријава за две кривични дела – ‘Загрозување на сигурноста’ и ‘Оштетување туѓи предмети’“, велат од МВР.
Дополнително, на 31 октомври во СВР Охрид повторно било пријавено оштетување на истото патничко возило, при што со тврд предмет биле направени длабоки линии по каросеријата на автомобилот.
„Се преземаат мерки за утврдување на сите околности и пронаоѓање на сторителот. За сите наведени настани, јавноста беше навремено и соодветно информирана преку официјалните канали за комуникација на Министерството за внатрешни работи“, велат од МВР.
Според тврдењата на Горан Николоски изнесени во емисијата, петмина полицајци биле присутни на паркинг во центарот на Охрид, каде што, според неговото сведоштво, неговиот 19-годишен брат Дарко бил физички нападнат.
Николоски во јавниот настап рече дека тројца полицајци активно учествувале во тепањето, додека други двајца го обезбедувале просторот за случајните минувачи да не видат што се случува.
Во рамките на емисијата беше прикажана и снимка од надзорна камера на која се забележува движење на повеќе луѓе и полициски службеници во близина на паркинг-просторот.
Николоски исто така тврди дека полицајците намерно го одвлекле неговиот брат кон дел од паркингот каде што сметале дека просторот не е покриен со видеонадзор.
„Среќа наша во несреќа што имаше камери и што ги имаме камерите“, рече Николоски.
Како што појасни тој, настанот се случил во раните утрински часови на 1 ноември, откако неговиот помал брат бил изведен надвор од ноќен клуб лоциран во центарот на Охрид.
По јавно изнесените тврдења, полицаецот од СВР Охрид, Божидар Димитриевиќ, преку социјалната мрежа Фејсбук ги отфрли сите наводи за тепање и малтретирање. Димитриевиќ наведе дека Дарко се обидел да ја избегне редовната полициска контрола, а Горан го нарушил јавниот ред и мир, по што бил приведен од неговите полициски колеги.
